Проруски настроениот Румен Радев е пред преземање на власта во Бугарија – ѝ се заканува ли на ЕУ нов Орбан?!

Весникот „Франкфуртер рундшау“, во подолг текст посветен на изборите во Бугарија и Румен Радев како фаворит на тие избори, пишува дека Радев доминира на социјалните медиуми во Бугарија со милиони прегледи, но дека експертите се сомневаат во неговата вистинска поддршка. Во текстот, меѓу другото, се вели:

„Соборена влада, нова валута и информативен простор во кој границите меѓу вистинска поддршка и инсценирано масовно движење одамна се разлеваат – Бугарија повторно оди на избори во недела (19 април). И овојпат може да победи човек за кого Европа дури сега почнува сериозно да размислува.

Под услови што особено ја фаворизираат манипулативната политичка комуникација, Бугарија оди на своите осми избори во рок од пет години. Антикорупциските протести од 2025 година соборија една влада, без да ги отстранат неправилностите што се наоѓаа зад нив. Дополнително доаѓа воведувањето на еврото на почетокот на 2026 година, кое поттикна нови економски стравови. Промените на влади во изминатите години дополнително ја нагризаа довербата во институциите. Во овој вакуум, содржините засновани на страв особено добро виреат – поттикнати од војната во Украина и нови конфликти на Блискиот Исток.

На социјалните медиуми, победникот е јасен уште пред изборите: поранешниот претседател Румен Радев.Според извештајот на Балканската иницијатива за слободни медиуми (БФМИ), зголемувањето на содржините наклонети кон Радев на Фејсбук и ТикТок далеку го надминува она на која било друга политичка сила во земјата.“

Дали ваквите активности значат вистинска поддршка или се инсценирани, е прашање кое треба да се разјасни, пишува „Франкфуртер рундшау“:

„Бугарија, оценува БФМИ, веројатно е членка на ЕУ која институционално е најмалку подготвена за заканите што дигиталната манипулација во меѓувреме ги претставува за демократската легитимност. Зашто, за разлика од Унгарија и Словенија, Бугарија досега не поднела барање за поддршка преку ЕУ-системот за брза реакција. На 16 март, министерката за надворешни работи навистина изјави дека ќе го покрене прашањето во владата, меѓутоа формално барање не уследи. Ова двоумење паѓа в очи, особено ако се има предвид дека Радев политички покажува јасни паралели со Виктор Орбан, почнувајќи од проруските позиции и евроскептичната реторика, па сè до политички стил што се темели на конфронтација со Брисел. Загриженоста дека Бугарија би можела да стане следниот проблематичен случај во ЕУ, во тој контекст, не изгледа неоснована.“

Весникот пренесува делови од извештајот на тинк тенкот „Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa“ (ОБЦТ), според кој „Радев во едно од ретките опширни интервјуа во изборната кампања јасно ги оцртал своите надворешнополитички позиции. Тој, според наводите, се изјаснил за обновување на дијалогот со Русија и се залагал за тоа ‘економијата да се стави пред идеологијата’ – укажувајќи на испораките на јаглеводороди од Москва и на можноста за соработка со Русија во проширувањето на нуклеарната енергија. Истовремено, тој ја исклучил секоја коалиција по изборите со проевропското движење ‘Продолжуваме со промената’ и го критикувал европскиот Зелен договор.

На внатрешнополитички план, Радев изразил сомнежи кон ‘либералната идеологија’. Запрашан за можни мерки во корист на ЛГБТ-заедницата, тој зборувал за ‘трезвено враќање кон реалноста на два пола’. Како најверојатни коалициски опции, според извештајот, се сметаат сојуз со Социјалистите и националистичката партија Преродба или тивка соработка со досегашниот премиер Борисов, со цел да се остане на власт.“

„Франкфуртер рундшау“ ги пренесува и оценките на двајца експерти за ставовите на Радев во кампањата:

„За политикологот Димитар Ганев, позициите на Радев, сепак, пред сè имаат изборно-тактичка природа. ‘Многу од овие изјави се насочени кон оној повеќе традиционалистички и проруско ориентиран дел од јавното мислење, кој на политичката сцена во голема мера останува незаштитен од Социјалистичката партија’, изјавил тој за тинк-тенкот. Практичните одлуки, вели тој, би покажале дека Радев навистина нема да ја доведе во прашање геостратешката позиција на Бугарија, бидејќи владите што тој ги именувал, и покрај неговата реторика, никогаш не го промениле курсот на поддршка за Украина.

Ана Крастева, бугарска професорка по политички науки, во својата оценка за ОБЦТ настапува понијансирано. ‘Судејќи според неговата политичка кариера, би рекла дека Радев не е Орбан’, ја ублажува таа загриженоста. Бидејќи, тој не покажал ниту екстремизам ниту подготвеност за остра конфронтација со Брисел, што го одликуваат унгарскиот премиер. Сепак, со оглед на тонот на најновата изборна кампања, таа вели дека не може да исклучи ‘дека влада под водство на Радев можеби би можела да падне во искушение да ја заземе антилибералната и проруска политичка ниша на која што Унгарија на Орбан ѝ даде печат во последните години“, пишува весникот „Франкфуртер рундшау“.

 

 

DW