Десетици налози за апсење по нападите во училишта во Турција

Турските власти уапсија повеќе од 160 лица. Причината се два смртоносни напади со огнено оружје во училишта во рок од само два дена. Уапсените, меѓу другото, се обвинети за ширење погрешни информации и за величење на пукањата во училиштата оваа недела, соопшти турскиот министер за правда Акин Гурлек на платформата X.

Гурлек вели дека 95 лица биле приведени затоа што, и покрај воведената забрана за информирање, ширеле слики и видеа поврзани со инцидентите. Овие содржини можеле да предизвикаат „страв и паника“ кај населението. По уште 35 осомничени сè уште се трага. Дополнително, пристапот до 1104 профили на социјалните мрежи бил блокиран, додава Гурлек.

Понатаму, истражителите идентификувале профили кои намерно во визир земале училиштата и навестувале можни напади. Во овој контекст биле уапсени 67 корисници кои се поврзани со соодветни објави.

Напаѓачот наводно го имал оружјето од својот татко
Во средата (15.04), 14-годишник во јужниот турски град Кахраманмараш застрела осум ученици и еден наставник, а уште 13 лица се повредени. Неколку жртви морале да бидат лекувани на одделот за интензивна нега, а три од нив привремено биле во животна опасност.

Според информации на властите, малолетникот донел во училиштето неколку парчиња огнено оружје и седум шаржери во ранец. Ученикот влегол во две училници и отворил оган без одредена цел. Оружјето наводно му припаѓало на неговиот татко, поранешен полицаец, кој во меѓувреме, исто како и мајката на сторителот, е уапсен.

Во видео снимено од жителка и верифицирано од новинската агенција АФП, се гледа како деца во паника скокаат од прозорец на првиот кат. Други бегаат преку училишниот двор. За време на снимката, која трае околу една и пол минута, се слушаат врисоци и околу 15 истрели.

 

 

DW