Висок командант на џихадистичката организација Исламска држава (ИС) е убиен во заедничка воена операција на Соединетите Американски Држави и Нигерија. Станува збор за Абу-Билал ал-Минуки, кој според американскиот претседател Доналд Трамп бил „вториот по ранг командант на ИС на глобално ниво“.
Операцијата е спроведена во текот на ноќта меѓу петок и сабота во западноафриканската земја, а смртта на ал-Минуки ја потврди и нигерискиот претседател Бола Тинубу, кој исто така ја нагласи тесната соработка меѓу двете земји во борбата против тероризмот.
Според Трамп, ал-Минуки бил „најактивниот терорист во светот“ и претставувал клучна фигура во глобалната структура на Исламска држава. Тој објави дека бил „елиминиран“ во рамки на „внимателно испланирана и исклучително сложена мисија“, реализирана заеднички од американските и нигериските сили.
Американскиот претседател оцени дека терористот верувал дека може да се сокрие во Африка, но не бил свесен дека американските разузнавачки служби располагаат со податоци за неговите активности. Со неговата ликвидација, според Трамп, значително се ослабени глобалните операции на ИС.
Операција кај езерото Чад – тежок удар за ИС
Нигерискиот претседател Тинубу ја пофали заедничката акција, истакнувајќи дека вооружените сили на неговата земја, во тесна координација со американската војска, спровеле „смела операција“ што им задалa сериозен удар на редовите на Исламска држава.
Ал-Минуки бил убиен за време на напад на неговото упориште во регионот на езерото Чад, заедно со неколку негови блиски соработници, соопштија нигериските власти.
ИС има силно присуство во западна Африка, особено во регионот Сахел, каде што делуваат повеќе фракции поврзани со оваа организација. Ал-Минуки, познат и под кодното име Абу-Маинок, бил ставен на листата на глобални терористи на САД во 2023 година.
Со неговата смрт, како што наведува Вашингтон, тој повеќе нема да може да ги тероризира граѓаните во Африка или да учествува во планирање напади насочени кон американски цели.
Претходни операции против ИС во Нигерија
Американската војска веќе има спроведувано операции против цели на Исламска држава во Нигерија. Така, на првиот ден од Божиќ минатата година беа нападнати позиции на ИС во северозападниот дел од земјата,при што беа убиени повеќе осомничени милитанти.
Како образложение за тие напади, американскиот претседател тогаш ја наведе заштитата од насилство, вклучително и убиства на цивили, меѓу кои и христијани, за кои претходно повеќепати предупредуваше дека се мета на екстремисти.
DW




