Зошто неколку месеци се кршат копјата на Комисијата за избори и именувања, а притоа сведоци сме дека на крај се прибегна и кон кршење на процедурата, Уставот, деловникот. За целата македонска јавност да стане јасно јас ќе се обидам да поставам една хипотеза и потоа деловнички да објаснам зошто овие денови тука да дебатираме, реагираме, оспоруваме за преседаните коишто се случуваат во Собранието. Штом собранието работи до доцните ноќни часови, тогаш и целата македонска јавност треба да знае дека или имаме ново задолжување, или имаме некое ново кршење на деловникот, нов преседан или некаков нов апсурд. Во превод, претстои голема опасност или веројатност некому да му гори под нозе. Ова на денешната собраниска седница го истакна пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.
Панова исто така додаде и дека кога Собранието работи до доцните ноќни часови, или нелегално се доаѓа на власт или се прават напори нелегално да се остане на власт, или нелегално се испраќаат милионски суми со сомнителни трансакции или некој во наредните девет години треба да биде заштитена мечка како што е случај со деновиве.
Таа случувањата кои деновиве се случуваат во Собранието ја објасни преку чудните примери кои во минатото се случувале, а креатори на истите и тогаш биле СДСМ и ДУИ.
„За да стане јасно, прашање кое треба да си го поставиме и ние, меѓутоа и целата македонска јавност е следново: Која е тајната сила која што ги тера луѓето, односно пратениците да ги менуваат своите ставови преку ноќ во ова Собрание? Прв сомнителен случај. Ова Собрание е сведок на многу чудни случувања во минатото. Во минатото ова Собрание има видено пратеници коишто така менуваа свој став преку ноќ. Прво се колнеа во сѐ македонско па после тоа под влијание на некои или некои подземни води во Собранието гласаа онака како што им беше наложено на штета на целиот македонски народ. Да ја потсетам македонската јавност дека токму тогаш СДСМ и ДУИ преку тој чин дојде на власт. Втор сомнителен случај е случајот на еден наш колега пратеник кој што го снема преку ноќ. Дали беше под влијание на некои силни подземни води не знам, ама битно го снема токму на денот кога требаше да се урне оваа ненародна власт“, потенцираше Панова.