За време на еднодневната посета на Вселенската Патријаршија во Истанбул, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска ќе се сретне со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, јави дописничката на МИА од Атина. Во претседателска резиденција во Истанбул, Ердоган ќе организира ручек во чест на Мицотакис. Грчкиот премиер за време на прес конференцијата по Самитот на ЕУ во петокот, одговарајќи на новинарско прашање, за средбата рече дека е императив, со оглед на, како што истакна, геополитичкиот предизвик со кој се соочува целиот свет и изрази надеж дека разговорите ќе се одржат во позитивна клима. Мицотакис додаде дека е позитивен фактот што за време на неговата однапред закажана посета на Патријаршијата, постоеше покана од Ердоган, за која рече дека можеби поводот е неодамнешната негова изјава во Парламентот дека би била позитивна евентуална средба со претседателот Ердоган. -Грција и Турција се две земји- членки на НАТО. Во суштина сме столбовите на југоисточното крило на НАТО. И кога постојат толку големи геополитички предизвици, логично е да разговараме и да гледаме како да не додадеме и други жаришта на превирања и геополитичка несигурност во, и онака веќе, многу напнатиот европски регион, рече Мицотакис.
MИА