Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција во врска со отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола информираше дека смета дека името е провокација но и дека претставува алиби за главниот наратив на Бугарија дека Македонија не дозволува човекови права на етнички заедници.
-Првично потпретседателката на Бугарија Јотова побара да биде присутна на отворањето на бугарскиот клуб, а ние имавме информации дека покрај нејзе ќе бидат пристуни и Каракачанов и Захариева. Една од претпоставките беше дека посетата токму на центар кој што носи контроверзно име, а тоа е да се обезбеди алиби за главниот наратив на Бугарија во последните месеци дека спорот всушност е спор на човекови права и дека Македонија не дозволува човекови права. За нас беше многу важно да не дозволиме да потпаднеме под замка, мојата улога како министер е да го зачувам имиџот на државата пред светот, а тоа е дека ова е демократска држава во која што сите граѓани ги уживаат сите права и дека нема да дозволиме алиби на наративот дека овде се газат човекови права на било која етничка заедница, вклучувајќи ја и бугарската, рече Османи.
Османи потенцираше дека не присуствувале на настанот не заради тоа што се отвора бугарски клуб туку дека било спорно името на клубот кој што тука се смета како провокација.
-Доколку не беше клубот именуван како што е именуван ние дури ќе бевме и дел од настанот заедно со бугарската делегација. Јас мислам дека беше провокација, не отворањето на клубот туку името на клубот е провокација за нашите граѓани.
Османи Додаде дека е ставена дамка на односите и преговорите меѓу двете земји.