На барање на бугарскиот премиер Кирил Петков, вечерва во Софија ќе се одржи вонреден Коалициски совет, на кој четирите партнери во владата ќе разговараат за односите со Северна Македонија. На средбата се очекува да се разговара и за барањата на Демократска Бугарија (ДБ) и на Бугарската социјалистичка партија (БСП) за презентирање на управувачка програма на владиниот кабинет, со јасно дефинирани мерки и рокови за нивна реализација, но главна ќе биде темата за РСМ, објави DW.
Како што информираат медиуми во соседството, се очекува премиерот Петков да им објасни на неговите партнери зошто побарал од претседателот Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС) и да го претстави досега постигнатото во дијалогот со Скопје.
Петков најави дека ќе бара свикување на состанок на коалициските партнери за време на посетата на Рим и Ватикан на 24 -ти мај, објаснувајќи зошто се залага и претседателот да се сретне со сите партии претставени во парламентот.
„Форматот на коалицискиот совет е многу важен. Ќе разговараме со коалициските партнери, но ни треба поширок консензус за тоа и опозицијата мора да биде информирана“, изјави Петков.
Дел од неговите коалициски партнери (БСП) сметаат дека нема потреба да заседава Консултативниот совет за национална безбедност, со оглед дека ништо не се променило од последното заседание, односно – нема никаков исчекор во разговорите со РСМ. Таков е ставот и на владејачката партија Има таков народ (ИТН). Нејзиниот пратеник Станислав Балабанов објасни дека нема потреба од седница на Консултативниот совет за национална безбедност, бидејќи „сѐ е многу јасно на темата Македонија“.
„Од Македонија самите го засилуваат негативизмот и го прават покомплицирано прашањето за укинување на ветото. Многу се надевам дека премиерот нема да донесе самостојна одлука за прашањето со Македонија, но во принцип можно е тоа да се случи, и тоа би ја кренело во воздух не само коалицијата, туку и општеството“, изјави Балабанов.
А во пресрет на вечерашниот Коалициски совет, тој го повтори категоричниот партиски став – дека тие не отстапуваат од утврдената позиција на Бугарија.
„Ние ќе ги ислушаме (партнерите-н.з.) зошто воопшто се состануваат, во ситуација кога позицијата е јасна – и на Консултативниот совет при претседателот, и на Рамковната позиција на Бугарија, и на Декларацијата на 44-то Народно собрание, па можеби и јас ќе се запознавам со нешто ново што не го знам. Ќе видиме што ќе кажат. Но нашиот став е јасен“, изјави пратеникот од ИТН.
Тој како шпекулации ги оцени тврдењата дека ИТН денеска ќе ја напушти коалицијата, но потенцира дека е недозволиво да се игнорира бугарскиот национален интерес во РСМ, кој за ИТН е „црвена линија“.
Текстот во целост на: DW.