Средба Грковска- Бојаниќ: Со УНДП имаме бројни проекти насочени кон подобрување на квалитетот на животот

0
236

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска одржа работна средба со Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Северна Македонија.

На средбата стана збор за соработката со УНДП и нивната експертиза во областа на дигитализацијата и спроведување на идни заеднички активности.

Вицепремиерката Грковска се заблагодари за помошта и поддршката што УНДП во континуитет ѝ ја дава на Северна Македонија. Нагласи дека од големо значење се советите и препораките на експертите и нивните искуства во делот на дигитализација на јавните услуги, но и во креирањето на политики кои ќе понудат долгорочни и одржливи системски решенија.

Заменичката на постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Северна Македонија, Сања Бојаниќ изрази подготвеност соработката да продолжи во сите приоритетни области.

На средбата беше разговарано и за севкупните активности на УНДП во нашата држава во повеќе области, дигитализација на услугите на општинско ниво, вклученоста на младите, родова избалансираност, но и дигитализација на процесите за работа во државни институции кои се реализираат со поддршка на Програмата за развој на Обединетите Нации.

извор: Влада

фото: Влада