DW: Борис Џонсон притиснат до ѕид – следи оставка?

0
311

По револтот во сопствените редови, според британските медиуми, меѓу кои БиБиСи и Скај, британскиот премиер Борис Џонсон решил да се повлече од функцијата. Бирото на Џонсон за денеска најави обраќање на премиерот до нацијата. Претходно повеќе министри и соработници од протест против Џонсон, поднесоа оставки. Но, Џонсон вчера уште тврдеше дека сака да остане на премиерската должност, објави DW.

За време на пратеничките прашања во Долниот дом на парламентот, разнишаниот премиер Борис Џонсон јасно стави до знаење дека не се повлекува, туку ќе продолжи да се бори. „Тие многу добро знаат дека продолжуваме понатаму и дека ќе ги добиеме и следните избори,“ изјави Џонсон обраќајќи ѝ се на опозициската Лабуристичка партија која бара негова оставка и го обвинува дека постојано лаже. Прво двајца важни министри од кабинетот на Џонсон во вторникот поднесоа оставки, а во средата тоа го сторија и други министри и државни секретари – близу 50. Незадоволни се од тоа како премиерот се справил со нелегалните забави во Даунинг стрит за време на корона-пандемијата. Исто така се огорчени и од обидот на Џонсон, да го прикрие случајот за сексуално вознемирување од редовите на неговата Конзервативна партија.

Борис Џонсон прво негираше дека знаел нешто за наводите против неговиот соработник Крис Пинчер. Потоа малку по малку почна да признава дека сепак бил во тек со случајот, поради што во вторникот во телевизиско интервју се извини за грешките.

„Што е многу, многу е“, рече во свеото лично обраќање Саид Џавид во Долниот дом, кој во вторникот поднесе оставка од функцијата министер за здравство. Премиерот се однесува нефер кон неговите соработници, партиските членови и избирачите, рече поранешниот министер Џавид.

Текстот во целост на: DW.