Владата и МНР да помогнат да се продолжи потрагата по Мартин, апелира неговиот брат

Братот на исчезнатиот македонски државјанин Мартин, Горан Јовановски преку социјалната мрежа Фејсбук упати благодарност до ОФКАТ екипата спасувачи од Грција, како и до Генералниот Конзулат во Солун кои изминативе три дена заедно со неговото семејство се во потрага по Мартин.

„Мојата мајка и нашето семејство и пријатели се уште веруваме и се надеваме дека Мартин е жив и ја чека нашата помош. Затоа апелираме од македонската Влада и нашето МНР да помогнат да се најде начин да продолжи потрагата по Мартин бидејќи според грчките закони потрагата од нив ќе заврши денеска, на четвртиот ден. Затоа апелираме Владата да помогне и воедно молиме македонските граѓани да помогнат доколку се во можност, а за чија помош би можела и Владата да организира некаква акција“, пишува тој.

Тој додава дека не смееме да дозволиме да се откажеме се додека не се пронајде Мартин.

Инаку, момчето се води како исчезнато од сабота попладне, кога бил однесен од силни морски струи, на плажата Мити, во Посеиди, Халкидики.

тв21