Американско Министерство за правдa: Трамп веројатно ги сокрил документите за да спречи истрага на ФБИ

Документите во имотот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Флорида „најверојатно биле скриени“ за да се спречи истрагата на ФБИ за неговата потенцијална злоупотреба на доверливи материјали, соопшти денеска американското Министерство за правда.

Судскиот поднесок е досега најдеталниот извештај за причините за овомесечната рација на ФБИ на имотот на Трамп во Мар-а-Лаго, поттикната од прегледот на записите што тој претходно им ги предал на властите кои содржеле високо доверливи информации.

Пред рацијата, ФБИ откри „повеќе докази“ кои покажуваат дека „класифицираните документи“ останале во Мар-а-Лаго, се вели во документот.

„Владата, исто така, доби докази дека записите најверојатно биле скриени и отстранети и дека најверојатно биле направени напори да се попречи истрагата“, се додава во поднесокот.

Министерството соопшти дека објавило детални информации за подготовките за рацијата „за да се корегира нецелосниот и неточен наратив“ претставен од поранешниот претседател.

Одговорот на Министерството доаѓа по минатонеделното барање на Трамп за независна страна да ги прегледа документите запленети за време на рацијата. Тоа беше отфрлено бидејќи „тие документи не му припаѓаат на Трамп“, нагласуваат од Министерството.

„Назначувањето на специјален надзорник е непотребно и значително ќе им наштети на важните владини интереси, вклучително и интересите на националната безбедност“, се додава во документот.

фото: Архива