DW: Се стопи македонската средна класа

Што се случува со средната класа? Ја има, или рапидно исчезнува? Прашањето за средната класа како значаен фактор или „еликсир“ на општествената стабилност, не исплива на површина заради некаков артикулиран политички интерес, туку како резултат на последиците што ги предизвикуваат енергетската и економската криза.

„Средната класа е стопена, а нејзиното раслојувањето почна по 1998 година“ вели социологот Илија Ацески.

Процесот што тогаш почнал како резултат на неправедната приватизација, продолжи и во изминатите години, па она што денес останува од средната класа, според Ацески, е една четвртина од населението или под 25%.

Според социологот, разликата може да се увиди, ако се земе предвид дека во времето на социјализмот, над две третини од вработените, односно над 60 % од населението сметало дека припаѓа на средната класа. Денес ситуацијата е поинаква, а губењето на средната класа носи и ризици.

„Средната класа има стабилизирачка улога. Како се намалува средната класа, така земјата се дестабилизира “, вели Ацески.

Што е средна класа? Дефинцијата за неа најчесто е описна. Наједноставната гласи: средна класа е она што ќе остане кога ќе го одземете процентот на богати и на сиромашни. Генерално, за средна класа се сметаат луѓето со сигурни приходи, кои го имаат решено проблемот со домување, можат да си дозволат летување, зимување и просечен автомобил, а кога ќе ги платат месечните сметки, кредити и образованието на нивните деца, останува и за кино, театар, концерт, книги…

„Тие вообичаено полесно ги доживуваат или не ги чувствуваат ударите на поскапувањата, за разлика од семејства во кои има само еден вработен. Во социо-психолошка смисла, припадниците на средната класа имаат чувство дека живеат посигурно и постабилно“, вели Ацески.

Сѐ е поинаку

Но, и тоа чувство драматично се менува под налетот на економските (не)прилики. На пример, само до пред четири години (2018) во РСМ и лица со примања до 20.000 денари во анкети се изјаснувале дека себеси се сметаат за дел од средната класа, бидејќи и нивниот сопруг/а заработувал толку, или нешто над тоа. Со тоа заедничките приходи меѓу 40 и 45 илјади денари, им создавале чувство на сигурност и егизстенцијална стабилност. Но за споредба, вредноста на Синдикалната минимална кошница во декември 2018 година изнесувала 32.671 денари. Во декември 2019 година незначително пораснала на 32.732 денари, во декември 2020 година на 33.697 денари, а во декември 2021 година на 35.042 денари. А веќе во јуни годинава достигнува до 39.710 денари, во јули 47.042 денари, во август 48.234 денари и во септември 50.224 денари.

Голем дел од оние кои пред четири години сметале дека припаѓаат на средната класа, денес велат дека им е јасно „дека веќе не се таму“.

„Живеевме, колку-толку пристојно за македонски услови, и со надеж дека состојбите ќе се подобруваат. Но, веќе не е така. Со енергетската и економската криза многу параметри се сменија“, објаснува скопјанката М.Т (52).

„Ако денес, речиси 30 до 35 % од вкупните приходи (две приближно просечни плати) ни одат за плаќање на месечни сметки за комуналии, целата претходна финасиска конструкција ни е изместена. Порано, лесно можевме да се справивме и со непланиран издаток, на пример, ако се расипал апарат за домаќинство и треба да се купи нов, но денес тоа е невозможно без задолжување и грижа како ќе го отплатиме. Она што останува е за крпен живот. Мислам дека значаен процент од некогашната средна класа е преселен во ниска, но се плашам дека, генерално, сите се движиме кон сиромаштија“, вели таа.

Посочува дека тоа не го говори без причина.

„Деновиве, видов познаник, чoвек со високо образование и респектабилно работно искуство, како ги ‘прегледува’ контејнерите за отпад. Нема пострашна слика од тоа. Не знам што се случило со неговата работа, но ако таков кадар останал без егзистенција, на што да се надеваат оние без соодветно образование?“, реторички прашува нашата соговорничка.

Балон што ќе пукне

Одговoрот сѐ почесто доаѓа од народните кујни. Речиси нема град во земјата каде не е зголемен бројот на лицата што таму доаѓаат по дневен оброк, а ни некогашни припадници на средната класа не се исклучок од тоа. Неквалитетниот економски развој, неправедната финансиска распределба, лошата социјална и здравствена заштита и политичките превирања, имаат удел во осиромашувањето на населението. Во моментов, додека трае потрагата по енергенси и се усвојуваат мерки за помош на ранливите категории граѓани, раслојувањето и порастот на сиромаштијата е надвор од радарот на политичките партии, нешто што би можело да се толкува како премолчно „oправдување“ на раслојувањето.

Од категоријата сиромашни (25 до 30 %), речиси 50 % од нив живеат под прагот на сиромаштија. Од друга страна, во процентот на 20% добро ситуирани, 10% се сметаат за релативно богати, 4 до 6 % за богати, а 1-2 % за многу богати, кои заработуваат околу 15 % од вкупниот национален доход.

Зошто разликата меѓу процентот на сиромашни и богати не го дава кај нас реалниот процент на средната класа? Бидејќи во голем дел станува збор за лица кои се обидуваат да ја прикријат стагнацијата на нивните приходи или недостигот на приходи со постојани задолжувања. А токму тоа се смета за „балон“ кој под налетот на актуелната криза може брзо да пукне. Луѓето уште позасилено се потпираат на кредитно задолжување за да го финансираат начинот на живеење, односно стандардот на кој се навикнале, но постапката на „задолжување врз задолжување“ ги води директно во маѓепсаниот круг на сиромаштијата.

Еден од главните изборни адути на СДСМ во 2016 година беше токму враќањето на средната класа. Шест години подоцна, целта е далеку од ветувањата.

„Многу од реториката ќе мора да се замени со конкретни промени“, вели Ацески.

„Денес имаме систем кој се дестабилизира. Сега сме во непредвидлива ситуација, но и без енергија која може да повлече напред, бидејќи голем удел во тоа има и иселувањето, со што голем дел од таа енергија е испумпана “, вели Ацески.

Светските искуства покажуваат дека секогаш кога средната класа е „исцедена“, таа вртоглаво паѓа надолу. Ако тој тренд навреме не се запре, тогаш општествената стратификација може да заврши со многу едноставна поделба: на огромно мнозинство сиромашни и малцинство богати.

 

Дојче Веле