Под покровителсто на Општина Охрид, а во организација на „Крафт продукција“ утревечер во градов започнува петтото издание на Ohrid Wine Festival.
Тридневниот настан кој нуди вина од земјава и Светот, вкусни јадења и богата културно уметничка програма ќе се одржува на платото на кеј Македонија пред хотелот Палас со почеток во 20:00 часот.
На денешната средба со новинарите Претседателот на Советот на општина Охрид Перчо Божиноски зборуваше за значењето на манифестацијата.
Со голема чест и задоволство го најавуваме петтото јубилејно издание на „Ohrid Wine Festival“ кое ќе се одржи од 25-ти до 27-ми јуни. Настанот кој веќе стана препознатлив бренд на градот, повторно ќе ги обедини љубителите на виното, музиката и македонската традиција. Во текот на трите фестивалски вечери, посетителите ќе имаат можност да уживаат во дегустации на најдобрите вина од домашни винарии како и во богата музичка програма со настапи на познати изведувачи, групи и оркестри.
На 25ти јуни во 20:00 часот настапува групата Сарај , потоа Дани Димитровска и групата „Меморија“. На 26 јуни е настапот на Брос и Марама, Ѓоко Ѓорчев со Кате Танева, „Куку Леле“ и „Пауза за ракија“. На 27 јуни се предвидени настапите на „Солзи и смеа“, Dj Dj Fic, Битолски камерен оркестар и „Суперхикс“.
Овој фестивал е повеќе од настан, тоа е празник на културата, гастрономијата и заедништвото. Петтото издание е доказ дека Охридскиот вински фестивал расте и се развива , носејќи радост и гордост за сите нас.
Општина Охрид дава огромна поддршка на културата со цел промоција на македонската винска култура и зајакнување на туристичката понуда на градот.- подвлече Божиноски
Пане Темов од „Крафт Продукција“ истакна дека оваа година на фестивалот ќе има повеќе винарии, повеќе сорти на вино и повеќе храна.
Секоја година се трудиме фестивалот да биде подобар и подобар и ова 5-то издание ќе биде најдобро до сега. Секоја година имаме поддршка од македонските винарии и малите охридски винарии, ќе имаме дваесеттина винарии кои ќе ги понудат нивните вина- посочи Темов.
Организаторите годинава очекуваат посета помеѓу 50 000 и 100 000 луѓе, со што ќе биде означен и стартот на главната туристичка сезона во Охрид која ќе изобилува со настани и богата понуда.




