Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски се надева на нова средба на високо ниво следната недела во Софија, на којашто ќе продолжи дијалогот со Бугарија со цел решавање на спорните прашања.
„Следната недела очекувам со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да бидеме во Софија на регионален настан, каде што повторно би се сретнале со нашите колеги и би разговарале“, изјави Муцунски одговарајќи на новинарски прашања по настан во Скопје.
Тој посочи дека засега не е формално договорена средба, но не ја исклучи можноста за состанок на највисоко ниво. Според него, дијалогот со Бугарија е неопходен, особено во актуелниот политички контекст.
По посетата на Кошта и во пресрет на самитот во Тиват
Овие најави доаѓаат по посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта,како и во пресрет на самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, кој ќе се одржи на 5 јуни.
Муцунски оцени дека кај европските лидери постои засилен интерес за поттикнување дијалог меѓу Скопје и Софија, како и за раздвижување на политиката на проширување.
„Ние ќе бидеме конструктивен и продуктивен фактор. Немаме алтернатива освен европскиот пат“, изјави тој, додавајќи дека очекува фер и европско решение за билатералниот спор.
Во однос на самитот во Тиват, Муцунски истакна дека неговото одржување во регионот испраќа позитивна порака, а се очекуваат и конкретни сигнали за поддршка на Западен Балкан. Тој се осврна и на можните дискусии поврзани со ставовите на германскиот канцелар Фридрих Мерц, нагласувајќи дека е важно директно да се слушнат позициите на европските лидери.
„Веројатно една од темите на дискусии ќе биде како германскиот канцелар ја гледа политиката на проширување. Еден од позитивните сигнали што ги слушаме е дека идеите, што тој ги образложи во своето писмо, не се толкуваат алтернативно. Односно ќе има некој нов модел без пат кон полноправно членство, туку како еден паралелен процес што би се одвивал“, вели Муцунски.
DW




