Шансите на Црна Гора да стане членка на ЕУ се поголеми отколку на било која друга држава од Западен Балкан

Црна Гора традиционално ја слави својата независност на 21 мај, денот кога успешно се одржа референдумот за независност. Во тоа време, пред дваесет години, исходот беше исклучително тесен: 55,5 проценти од гласачите се изјаснија за независност. Педесет и пет проценти од гласовите беа потребни за референдумот да биде успешен.

30 проценти се сметаат за Срби
„Во тоа време имаше големи конфликти во општеството“, вели Златко Вујовиќ, политиколог од независната црногорска организација за истражување на избори, ЦЕМИ. Дел од населението Црна Гора ја смета за исконски посебна нација, со илјадагодишна традиција на црногорското кралство. Други се сметаа за браќа и сестри на Србија, или целосно за Срби. „И двата блока, про-црногорскиот и про-српскиот во тоа време водеа силна кампања, за и против независноста. Српските медиуми доминираа во Црна Гора“, вели Вујовиќ. Денес на пописите околу 40 проценти од населението во Црна Гора се идентификува како Црногорци, а околу 30 проценти како Срби, кои делумно до денес жалат за осамостојувањето. Пред нешто помалку од две недели, во црногорскиот главен град Подгорица, беше прославена 20-годишнината од референдумот за независност. Српскиот претседател Александар Вучиќ беше поканет, но одби да присуствува со остриот коментар дека ја сака „Србија повеќе од сè друго на светот. Ако славам нешто такво, тоа би било срамота и би си плукал в лице себеси и на својот народ. А, тие може да си слават што сакаат“, рече Вучиќ.

Владата смета дека е дојдено време за пристапување кон ЕУ
На чело на Црна Гора од 2023 година е проевропскиот либерален премиер Милојко Спајиќ, кој е многу млад, има 38 години и доаѓа од финансискиот сектор. Спајиќ работел во Токио во Ситигруп и во Сингапур во Голдман Сакс и потоа се вратил во својата земја за да ја однесе напред.

Тој е уверен дека Црна Гора е во точни временски рамки за пристапување кон ЕУ и може да се приклучи во 2028 година. „Сите 33 преговарачки поглавја се отворени. Претходните влади завршија само три поглавја за десет години. Ние веќе затворивме 14 поглавја. А од преостанатите 19, повеќето се завршени 90 до 95 проценти“, вели премиерот. „Ќе завршиме сè до крајот на годината, а потоа продолжуваме на политички план и ќе разговараме дали ја имаме поддршката од сите 27 земји-членки на ЕУ“, рече Спајиќ на крајот на април.

„Критериумите за пристапување се премногу тешки“
Политикологот Вујовиќ е скептичен и смета дека Црна Гора може да се приклучи, само ако ЕУ замижи на едно око. „Има напредок, но е доста минимален“, вели тој и посочува дека критериумите за пристапување се премногу тешки за спроведување.

Дури и некои поранешни кандидати за пристапување не ги исполнуваат денешните критериуми. „Тие земји тогаш беа примени затоа што ЕУ сакаше да се прошири“, вели тој и додава дека и „Црна Гора исто така ќе се приклучи ако ЕУ го сака тоа – од геополитички причини“. Меѓу најголемите пречки за Црна Гора се поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на корупцијата, владеењето на правото и организираниот криминал.

„Нема вистински реформи“
Црна Гора има озлогласени кланови кои тргуваат со кокаин, кои се меѓународно вмрежени. Политиката и организираниот криминал се тесно испреплетени, а делумно е вмешано и самото судство. Но, неодамна Црна Гора беше пофалена за напредок. Судството е значително построго во постапувањето, имаше неколку апсења на политичари, претставници на судските власти и функционери кои соработувале со мафијата. Независната организација „Светска правда“ со седиште во Вашингтон, го мери и споредува владеењето на правото во сите земји во светот. Црна Гора неодамна беше рангирана на 55-то место од 143, што значи дека земјата не е најлошо рангирана во ЕУ, туку дури и подобро од членките Бугарија и Унгарија. Веселин Радуловиќ е добро познат независен адвокат во Црна Гора кој со години се бори за фер правосуден систем во својата земја. Тој актуелниот развој не го оценува толку позитивно. „Може да кажеме дека сме на вистинскиот пат во врска со пристапувањето кон ЕУ, но главно затоа што тоа е посакувано од геостратешки причини“, вели тој и алудира на загриженоста на Европа за зголемено влијание од Русија. „Во Црна Гора за жал нема вистински квалитативни реформи“, вели Радуловиќ. „Клучни не се апсењата, туку државата да ги конфискува богатствата стекнати преку корупција и организиран криминал. Но, тоа сè уште не се случува“, вели адвокатот

 

 

DW