Муцунски се сретна со министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова

На маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Кралството Шведска, остварив средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова.
Разменивме мислења за билатералните односи, регионалната соработка и европската интеграција на државата. Ја нагласив потребата од изнаоѓање решение за билатералното прашање, кое го кочи процесот на отворање на преговорите со Европската Унија, реафирмирајќи ги позициите на Владата и укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори.
Акцент ставивме и на значењето на Коридор VIII и потребата од забрзување на активностите поврзани со отворањето на граничниот премин „Клепало“, како важен дел од регионалната инфраструктурна и економска поврзаност.
Го отворив и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.