Над половина милион граѓани гласале до 15 часот

До 15 часот излезноста на локалните избори во Македонија е 31,16 проценти, односно гласале 515.069 граѓани, информираше Државната изборна комисија, врз основа на добиени податоци од 91,16% од избирачките места.

Најголема излезност и понатаму има во Чашка – 53,19% и во Новаци (52,84%), а најмал одзив во Врапчиште – 14,94% и во Центар Жупа 17,12%.

Во Град Скопје излезноста е 31,16 проценти.

Кандидатите на една листа на независни за Општина Центар соопштија дека поднеле приговор затоа што покрај имињата на нивниот кандидат за градоначалник и носител на листа за советници не било отпечатено нивното лого.

Излезеноста до 13 часот беше 20,12 отсто. Во Град Скопје излезеноста беше 20,07 отсто, што е многу слично со одзивот на локалните избори во 2021 година, каде излезеноста во Скопје до 13 часот беше 20,76 отсто.

Изборниот ден поминува генерално мирно, во фер и демократска атмосфера и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Ова е заклучокот и на МВР и на јавното обвинителство, коишто во текот на денот информираа за поединечни нерегуларности. Полицијата извести за случај во Прилеп каде се приведени две лица поради „поткуп при избори и гласање“, а регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.

Јавното обвинителство, пак, испитува наводи за изборен поткуп и кршење на изборниот молк.Од почетокот на гласањето до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.

Јавен обвинител од ОЈО Струмица усно бил известен за погрешно отпечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен е разговор. Известена е Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело, велат од Обвинителството.

 

 

 

DW