Американската војска во текот на ноќта (10/11.06) гранатираше голем број цели во Иран. „Нападите се реакција на неоправданата и континуирана агресија на Иран“, соопшти американската регионална команда за Блискиот Исток, Центком, на платформата X. Како што се вели, се работи за „самоодбранбени удари“. Погодени биле воени надзорни објекти, комуникациски системи и позиции за противвоздушна одбрана низ целата земја.
Иранската војска, според сопствени тврдења, реагирала на новите американски напади со целосно затворање на Ормускиот теснец, како и со контранапади врз цели во земјите од Персискиот Залив, Бахреин и Кувајт. Секој брод што ќе се обиде да помине низ теснецот, важен за трговијата со нафта и гас, ќе биде нападнат, се вели во соопштение на иранското воено раководство пренесено од државниот радио-телевизиски сервис. Според медиумите, гранатирани биле два брода.
Потоа следуваа меѓусебни деманти. Центком на X напиша: „Трговските бродови и понатаму влегуваат и излегуваат од Ормускиот теснец оваа ноќ.“ Иранските државни медиуми го нарекоа ова тврдење неточно.
„Ќе ги бомбардираме до темел“
Американскиот претседател Доналд Трамп, според медиумски извештај, го обвини Техеран за особено тешко кршење на прекинот на огнот кој официјално важи веќе два месеца. Тој, наводно, е „најчесто прекршуваниот прекин на огнот во историјата на светот“, цитира репортер на Фокс њус од разговор со претседателот. Не е јасно на кој конкретен инцидент се однесува ова обвинение на Трамп.
Иако Трамп најавил дека наскоро ќе стави крај на бомбардирањата, објави репортерот на Фокс њус, Треј Јингст на платформата X, тој истовремено предупредил дека доколку Техеран не потпише рамковен договор за завршување на војната, „ќе ги бомбардираме до темел“.
Испукани десетици Томахавк-ракети
Според Трамп, во текот на ноќта биле испукани, меѓу другото, десетици крстосувачки ракети Томахавк, напиша репортерот на Фокс њус. Најблиската цел до иранската престолнина Техеран била на неколку десетици километри надвор од градот.
Иранските државни медиуми известија за експлозии во повеќе пристанишни градови долж јужниот брег. Според нив, две лица биле повредени. Како што соопштија новинската агенција ИРНА и државниот радиодифузер, експлозии имало во близина на градовите Минаб и Сирик. Покрај тоа, според извештаите, детонации имало и на островот Кешм и во пристанишниот град Бандар Абас.
Во текот на ноќта, наводно, имало и повеќе напади во близина на иранската престолнина Техеран. Државното радио јави за експлозии во градот Караџ, кој се наоѓа многу блиску до Техеран. Западно од Караџ биле забележани борбени дронови.
DW




