САД и Русија сакаат гасоводот „Северен тек“ да се поправи и низ него повторно да протече гас

Војната во Украина влегува во четврта година, а помислата дека Русија повторно би можела да пумпа гас во Европа преку Германија воопшто не е толку чудна колку што можеби беше до пред само неколку месеци.

Среде вестите дека рускиот претседател Владимир Путин во разговорите со САД понудил да ја сопре инвазијата до актуелната линија на фронтот, продолжуваат и шпекулациите за можната реинтеграција на Русија во енергетскиот микс во Европа.

Минатиот месец некои политичари од германската Демохристијанска унија (ЦДУ) ја поздравија идејата за поправка на двете оштетени цевки од гасоводот „Северен тек 1“ и едната оштетена цевка од гасоводот „Северен тек 2“. Трите цевководи беа оштетени по чин на саботажа во септември 2022 година.

„Северен тек 1“ пренесуваше гас во Германија пред да започне војната во Украина, додека изградбата на „Северен тек 2“ беше финиширана во септември 2021 година, но тој всушност никогаш влезе во употреба.

САД и Русија наводно заинтересирани за договор за „Северен тек“
И Русија и САД наводно се заинтересирани за договор кој би овозможил повторен проток на гас. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неодамна изјави дека разговорите со САД го вклучуваат и гасоводот „Северен тек“. Во меѓувреме се појавија наводи во медиумите според кои американски инвеститори се заинтересирани за купување на „Северен тек 2 АГ“ – подружницата со седиште во Швајцарија на рускиот државен енергетски гигант Газпром, кој е сопственик на гасоводот. Во јануари беше одложена постапката за стечај за „Северен тек 2“ до мај, а преработениот судски документ укажува на тврдењето на Газпром дека администрацијата на Трамп би можела „да има значителни последици од околностите на Северен тек 2“.

Крис Вифер, инвестициски консултант кој работел во Русија повеќе од 25 години, за ДВ вели дека се водат сериозни дискусии во врска со можноста за купување од страна на САД. „Има предлози од американски купувачи кои сакаат да ја купат инфраструктурата, така што би можеле да дејствуваат како пресек меѓу изворот на гасот, односно Газпром и купувачите на гас, односно германски претпријатија“, вели тој.

Бен Хилгенсток од Киевската школа за економија, пак, вели дека не е надлежност на САД или Русија да одлучуваат каква енергија ќе купува Европа. „Што и да преговараат Русија и САД во врска со Северен тек 2 или 1 е сосема бесмислено“, оценува тој за ДВ и додава: „Фер е да се каже дека одлука на одделни европски земји е дали ќе сакаат повторно да купат руски гас преку Северен тек 1 и 2.“

 

DW