Професорката и придружна пејачка на групата ДНК, Ана Костадиновска, која ја преживеа трагедијата во пожарот во дискотеката „Пулс“, на денешното судско рочиште сведочеше за моментот кога ги забележала првите искри, за паниката која следела и за стампедото во кое многу млади луѓе го загубија животот.
Таа детално опиша како започнале критичните секунди од пожарот.
Моментот кога започнал пожарот
„Ја изведувавме песната ‘Што сака нека биде’ и на самиот рефрен се вклучија прскалките. Ништо не беше неочекувано, на оваа песна секогаш се палат. Инстинктивно погледнав нагоре бидејќи почувствував топлина. Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таму, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира“, рече Костадиновска.
Таа додаде дека при влошувањето на ситуацијата чуле пукање, почувствувала силна топлина и удар во грбот, по што започнало стампедото.
Страв, стампедо и борба за опстанок
„Паднав во стампедото, настана хаос. Се чувствуваше силен мирис што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух што ни даде надеж. Момчето над мене се помрдна за да ја извлечам ногата и така излегов“, сведочеше таа.
На прашање дали се сеќава на лицето што ѝ помогнало, Костадиновска рече дека не се сеќава, но подоцна дознала дека станува збор за момче од Виница, кое спасило повеќе лица.
„Коленото ми беше набиено навнатре и сè уште имам болки. Имав изгореници на лицето, веројатно од високата температура во клубот, како и траги како од цигара“, рече Костадиновска, нагласувајќи дека веста за загубата на блиските сè уште не ја прифатила.
„ДНК беше мојата фамилија, а Сара Пројковска беше мојата сестра. До денес не ја имам прифатено трагедијата. Работам на тоа со психолози“, изјави таа. Во последните години, рече таа, групата настапувала често и на сите настапи се користеле прскалки, но никогаш немало проблем.
На денешното рочиште сведоците на Обвинителството одговараат на директни прашања, по што адвокатите на обвинетите поставуваат вкрстени прашања во врска со нивните искази.
Барање за преместување на обвинетиот Дејан Јованов
Претходно, адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, побара судот да донесе решение за негово преместување во затворот во Идризово. Таа наведе дека персоналот во кумановскиот затвор се однесувал деградирачки и понижувачки кон обвинетиот. Како дополнителни причини ги истакна близината на судницата до затворот и здравствената состојба на Јованов, кој има потреба од медицинска интервенција.
Пожарот избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани.Загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола.
За несреќата се обвинети повеќе од 30 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
DW




