Синдикати од образованието, културата, медиумите, индустријата, трговијата, полицијата и други сектори утре в среда, 28 јануари, од 17 часот ќе се приклучат на протестот што го организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Протестот почнува од пред зградата на ССМ во Скопје, а ќе заврши пред Владата.
Трендафилов: „Овој протест е за платата на секој работник“
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека протестот е одговор на ниските плати и тешката економска состојба на работниците: „28 јануари е денот кога зборуваат работниците! Овој протест е за твојата плата, затоа што не стигнува од први до први. Кој ќе протестира за твојата плата ако не ти?“.
ССМ бара минимална плата од 600 евра и дополнително линеарно зголемување од 100 евра за сите останати плати. „Ако не излеземе на улица, значи дека се согласуваме со сиромаштијата“, велат од ССМ.
Мицкоски: „Минималната плата ќе се зголеми во март“
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека секој има право да протестира и нагласи дека минималната плата законски се зголемува во март:
„Го поддржуваме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавачите во дијалог“, вели премиерот.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, порача дека бизнис-заедницата поддржува зголемување на минималната плата согласно законот во март, но предупредува дека дополнителните барања на синдикатите би биле голем товар: „Без олеснети давачки за придонеси, компаниите не можат да го издржат линеарното покачување од 100 евра“.
Тој нагласи дека 98% од македонската економија ја сочинуваат мали компании кои немаат капацитет за големи трошоци.
Протест, блокади и можен генерален штрајк
Трендафилов во интервју за „360 степени“ најави дека, ако нема резултат, ССМ ќе премине на таргетирани блокади, генерален штрајк и собирање 10.000 потписи за предлагање закони, меѓу кои намалување на функционерските плати за 78–80% и зголемување на работничките.
Синдикатите веќе подолго време укажуваат дека Македонија е на дното во регионот по плати и дека земјите како Албанија, Србија и БиХ веќе обезбедиле значително повисока минимална плата — од 511 до 740 евра.
Според нив, ова е аргумент дека и македонските работници заслужуваат покачување.
DW




