Стандард и пурс: Растот на економијата се забрзува, ризик од неизвесноста во европската економија

Кредитната агенција „Стандард и пурс“ во извештајот кој го објави денеска за Северна Македонија вели дека растот на економијата се забрзува и останува приоритет на Владата. Агенцијата го потврди кредитниот рејтин на земјата ББ- со стабилен изглед, што претставува сигнал за инвеститорите при носење на нивните одлуки за инвестирање.

Во извештајот се наведува дека растот на економијата во оваа година се очекува да биде поддржан главно од потрошувачката на домаќинствата, движен од растот на платите и пензиите, како и од зголемена инвестициска активност, особено во инфраструктурата.

При тоа Агенцијата упатува на ризици поради неизвесноста во европската економија како главен трговски партнер на земјата. До 2028 година, Агенцијата проектира дека растот ќе се стабилизира на околу 3%, поддржан од постепено закрепнување на надворешната побарувачка и засилување на инвестициите.

Владата, како што стои во извештајот, продолжува со напорите за спроведување институционални реформи, борба против корупцијата и владеење на правото, коишто се и клучни предуслови за интеграција во ЕУ.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk