Шумски пожари: Шпанија алармира, Франција бара помош од ЕУ

Состојбата со шумските пожари во јужна Европа продолжува да се влошува. Шпанија прогласи „вонредна состојба од национално значење“ за два региона.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, вонредната состојба веднаш стапува во сила за регионот на главниот град Мадрид и за покраината Авила. Со тоа државата може да мобилизира повеќе ресурси и финансиски средства.

Во изминатите денови во Шпанија избувнаа бројни пожари. Особено загрижува шумскиот пожар западно од Мадрид кој излезе од контрола и ги загрижува спасувачките служби и жителите. Поради тоа во четвртокот (23.07) беше наредена евакуација на 3.500 лица. Во областа околу Мадрид досега вкупно 10.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

Се очекува помош од други земји на ЕУ
И во Франција продолжуваат да беснеат неколку големи шумски пожари. Сериозна останува состојбата на атлантскиот брег кај Бордо, каде што од средата беа евакуирани околу 30.000 луѓе, главно од кампови и туристички комплекси.

За да добие поддршка во гаснењето на пожарите, Франција побара помош од други земји членки на ЕУ. Францускиот претседател Макрон изјави дека е побарано активирање на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Француските противпожарни служби на многу места се на работ на своите капацитети поради големите пожари.

Меѓу другото, сега се очекува пристигнување на противпожарни авиони и хеликоптери од Хрватска, Португалија, Чешка и Словачка.

 

 

 

 

DW