Јавната обвинителка Ленче Ристоска поднесе оставка откако ја изгуби битката на два фронта – Советот на јавни обвинители ја отфрли претставката за напад врз нејзиниот професионален интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител Ненад Савески донесе одлука за повлекување на овластувањата за нејзино постапување по клучни предмети кои се во завршна фаза.
„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и создаваат конкретни ризици за исходот на предметите што таргетираат висока корупција и организиран криминал. Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам – обвинителство што работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и доследно го брани јавниот интерес“, наведува Ристоска во објава на социјалните мрежи.
Таа додава дека, поради тоа што не гледа простор ниту перспектива за работа во согласност со своите принципи, донела одлука да поднесе оставка од функцијата јавен обвинител.
„Јавнообвинителската функција секогаш сум ја поимала како повик и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и, пред сè, животот на граѓаните. Особен предизвик за мене беа случаите што најдиректно придонесуваат кон дерогирањето на општествените вредности и принципи“, пишува Ристоска.
DW




