Бонусите и работењето на СЈО стануваат главни теми на политичката сцена во Македонија во пресрет на изборот на нов државен јавен обвинител. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ со критички наратив деновиве се осврнува на работата на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО) и на дел од неговиот тим, кои сега се актуелни обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје.
Нападите се засилија по изјавите на адвокатката Лејла Кадриу, поранешна обвинителка во СЈО, која во телевизиско гостување рече дека додека специјалното обвинителство било активно, повеќе наликувало на штаб на СДСМ отколку на јавно обвинителство.
Петмина кандидати за нов државен јавен обвинител
Темата станува особено актуелна во пресрет на изборот на нов државен јавен обвинител, функција за која влегуваат во трка и поранешни обвинители на СЈО.
Советот на јавните обвинители за следниот вторник ја закажа седницата на која треба да даде мислење за петтемина кандидати што се пријавија на огласот. Советот, согласно законските рокови, во период од 15 дена треба да се произнесе и да го достави мислењето до Владата. Потоа, Владата до Собранието предлага еден од кандидатите за кои е добиено позитивно мислење.
Иако институциите формално не ги објавија имињата, во јавноста е познато дека во трката се: Анита Тополова-Исајловска, актуелна в.д. државна јавна обвинителка, обвинителката Ленче Ристоска, судијата Ненад Савевски и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и обвинителката Лидија Раичевиќ.
Напади кон Ленче Ристоска и темата „бонуси во СЈО“
Една од кандидатките – обвинителката Ленче Ристоска, особено се најде под удар на критиките. Таа неодамна поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ заради тврдењата дека земала бонуси во СЈО. Таа реагираше дека соопштенијата на владејачката партија ги доживеала како притисок и заплашување, со оглед на тоа дека ги застапува обвиненијата „Талир 1“ и „Талир 2“, насочени кон поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, нападите и судирот со владејачката партија не ја спречија да влезе во трката за прв човек на Јавното обвинителство на Македонија. Таа неодамна во изјава за 24 Анализа рече дека очекува да биде избрана за функцијата и дека очекува поддршка од мнозинството пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не се пријавив да ја нервирам власта, туку бидејќи се пријавив дека сериозно мислам дека имам што да понудам и има квалитет. Јас не сакам да верувам дека некој ме ставил во категорија „непријател“ на власта. Тоа би било еден многу незрел потег за политички делување. Доколку постои политичка зрелост, мојата кандидатура вреди и те како да се разгледа“, порача Ристоска.
Едно сведочење – серија најави за тужби
Нападите дополнително се разгорија по изјавите на адвокатката Лејла Кадриу, која тврди дека додека СЈО било активно, „повеќе наликувало на штаб на СДСМ отколку на обвинителство“. Таа тврдеше дека материјали се примале без записник и дека претставници на тогашното раководство на СДСМ биле присутни во просториите на СЈО.
Кадриу во гостување на ТВ Алфа, ги спомна обвинителите Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова како најблиски соработници на Катица Јанева. Дополнително, тврдеше дека дел од буџетот на СЈО бил користен за исплати на деца на политичари.
ВМРО-ДПМНЕ го пренесе голем дел од нејзиниот наратив во своите соопштенија, правејќи паралели меѓу тогашното и актуелното раководство на СДСМ. Според нив, „СЈО наместо како независна институција делувало како партиски штаб на СДСМ, а Зоран Заев и луѓе блиски до него давале насоки и директиви кој предмет ќе биде одработуван, каде ќе биде распореден и кој треба да биде обвинет“.
Опозициската партија, пак, возврати дека станува збор за „координирана политичка операција“ со цел враќање на Никола Груевски и уривање на правниот систем.
DW




