„Да му заблагодариме на Бог за фантастичната победа над непријателите на Израел!” Со овие зборови пасторот Џон Хејги им се обрати на верниците во неговата мегацрква во Сан Антонио, Тексас, само 36 часа по почетокот на војната против Иран. Осумдесет и петгодишниот свештеник и неговата заедница веќе славеа: „Да му заблагодариме на нашиот претседател Доналд Трамп, чија мудра храброст ги скрши непријателите на Сион!”
Трамп го нарече нападот врз Иран „Операција епски гнев“. На огромниот екран зад сцената тоа беше претставено како дел од библиски спасителен план: „Испратена од Бога- Операција епски гнев“.
Хејги не е обичен свештеник. Пред 20 години ја основа лоби-организацијата „Христијани обединети за Израел“, која тврди дека има околу 15 милиони членови во САД. Иако бројката е спорна, христијанските ционисти се моќен блок меѓу белите евангелисти, и значаен дел од МАГА-движењето.
За нив, Израел не е само безбедно прибежиште за Евреите, туку „Света земја“, каде што по апокалиптичните војни очекуваат повторно доаѓање на Христос. Хејги и неговите поддржувачи одамна повикуваа САД да го урнат „безбожниот режим“ во Техеран. Сега, веруваат дека нивниот момент дошол.
Длабок идеолошки расцеп
Трамп беше избран со ветување дека ќе стави крај на војните и нема да започне нови. Токму ова ветување му ја донесе поддршката на една сосема различна струја во МАГА-кампот- христијанските националисти и изолационистите, кои се длабоко спротивставени со христијанските ционисти.
Нивниот изолационизам датира од 1940-тите, кога „Америка прво” беше парола против влезот на САД во војната против нацистичка Германија- движење со силни антисемитски корени.
DW




