Заострените правила на ЕУ треба да ги одвратат азилантите

По долгогодишна подготовка, денеска (12.06) стапува на сила една од најзначајните реформи за азил во Германија и во цела ЕУ. Еврокомесарот за миграција, Магнус Брунер, ветува поголема контрола на надворешните граници на ЕУ.

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт смета дека има промена на курсот. „Пресврт во миграциската политика има и во Германија и на европско ниво. Цврсто сме решени да продолжиме по таквиот пат и со нашите соседни и партнерски земји“, рече Добринт на состанокот на министри за внатрешни работи на ЕУ што се одржа на почетокот на јуни.

Под „промена во миграциската политика“ германскиот министер за внатрешни работи ги подразбира граничните контроли на внатрешните граници на ЕУ и одбивањето на баратели на азил на германските граници без формална постапка, што според него довело до намалување на бројот на апликанти.

Граничните процедури ќе имаат ефект на филтер

Со новиот „Заеднички европски систем за азил“ (ЦЕАС) се воведува прелиминарна проверка на барателите на азил на надворешните граници на ЕУ и се воспоставуваат забрзани процедури во близина на границите за лица кои пристигнуваат од земји со ниска стапка на одобрени барања за азил. Тоа значи дека за барателите на азил од земји како Пакистан, Иран, Русија, Турција, Венецуела, Нигерија или Демократската Република Конго во иднина ќе има брзи гранични процедури и дека во тоа време ќе останат во – повеќе или помалку – затворени кампови.

Според статистичката служба на ЕУ, Евростат, стапката на признавање на азил од овие и многу други земји, е под 20 проценти. По негативна одлука за азил, погодените лица во рок од максимум 12 недели треба да бидат депортирани во нивните земји на потекло. Листата на „безбедни земји на потекло“ треба да се прошири, за да може барања за азил да бидат отфрлени како „очигледно неосновани“.

Експерти се скептични

Експертот за миграција Гералд Кнаус, основач на тинк-тенкот „Европска иницијатива за стабилност“, се сомнева дека тоа ќе функционира. „И во изминатите години беше можно да се спроведат таквите т.н. гранични процедури. Сега се задолжителни, па во идеален случај човек ќе знае дека во рок од дванаесет недели на лицето од Бангладеш во Италија, или на лицето од Пакистан во Грција, веќе не му е потребна заштита. И потоа нема одговор што понатаму“, вели Гералд Кнаус.

Депортациите во земјите на потекло и натаму ќе бидат тешки, одбиените баратели на азил веројатно ќе се префрлат во друга земја од ЕУ, иако всушност се задолжени земјите од ЕУ во кои се случил првиот влез – имено Италија, Грција и Шпанија. „Всушност отсекогаш земјите на пристигнување беа обврзани да ги спроведуваат процедурите за оние што пристигнуваат на нивна територија. Но, тоа едноставно не функционираше. Па зошто сега би функционирало? Ќе видиме за неколку дена“, вели експертот.

Поголемиот дел од барателите на азил не подлежат на гранични процедури

Најголемите групи баратели на азил во 2025 година, според податоци на ЕК, потекнуваат од Авганистан и Сирија. Нивната стапка на признавање надминува 20 проценти, што значи дека тие лица не влегуваат во граничните, туку во редовните процедури за азил, но дури и за нив се задолжени државите во кои е направен првиот влез во ЕУ.

Гералд Кнаус очекува дека овие лица како и досега „ќе минуваат низ регуларната постапка и дека веројатно ќе продолжат да се движат кон земји каде во последните десет години биле издадени повеќе од половината од сите позитивни одлуки за азил во ЕУ, а тоа се Германија и Австрија и ниту една од нив не се наоѓа на надворешната граница на ЕУ. Значи, таа ситуација нема да се промени“, вели тој.

Сојузниот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, пак, смета дека новите правила ќе го олеснат враќањето на барателите на азил од Германија во земјите под чија ингеренција се тие. Добринт вели дека за тоа добил гаранции од Италија, Грција и од другите држави. За да се намали товарот врз овие земји, новиот систем предвидува „задолжителна солидарност“ на преостанатите земји од ЕУ, кои треба да преземат дел од обработката на случаите на баратели на азил. Како тоа ќе функционира во пракса, останува нејасно.

Европската комисија треба да ја координира постапката, а Полска и Унгарија од принцип не сакаат да учествуваат. Германија годинава нема намера да прифати баратели на азил бидејќи е преоптоварена, се наведува од Министерството за внатрешни работи.

 

 

DW