Неосновани исплати како резултат на пропусти во системот за остварување и исплата на права од социјална помош утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР). Како што информираат ревизорите, слабостите во системските контроли, размената на податоци меѓу институциите, како и недоволната ажурност и проверка на информациите за корисниците, довеле до исплата на социјална помош без целосно исполнување на законските услови, со што е нанесена штета врз државниот буџет.
Милионски исплати и раст на социјалната помош
Според ДЗР, во 2024 година за социјална помош и сродни исплати се исплатени околу 162.128.000 евра, што претставува 15% од вкупните расходи на МСПДМ. Средствата биле исплатени на просечно 113.666 корисници.
Исплатите во периодот од 2022 до 2024 година бележат пораст од околу 30%, што укажува на зголемен опфат на средства од буџетот. Сепак, ревизијата посочува дека во постапките за остварување права има пропусти, особено во делот на некомплетна документација и непочитување на законските критериуми.
Неправилности: пензии и социјална помош истовремено
Дел од правата се остварени без целосно исполнување на условите и без задолжителна документација. Утврдени се и неправилности како: неизвршен непосреден увид во домаќинството, недоволно или неспроведено годишно преиспитување, задоцнето донесување решенија и некомплетна службена евиденција
„Овие состојби влијаат врз неточно утврдување на фактичката состојба, намалена правна сигурност, нееднакво постапување, ризик од неосновано трошење јавни средства и намалена ефикасност на системот за социјална заштита“, посочуваат ревизорите.
Поради слабости во системските контроли, ревизорите во 2024 година утврдиле 235 корисници кои истовремено користеле и социјална помош и пензии. За нив неосновано се исплатени околу 236 илјади евра и тоа:
10.763 илјади денари за 190 корисници (гарантирана минимална помош)
426 илјади денари за 5 корисници (траен надоместок)
3.347 илјади денари за 40 корисници (социјална сигурност за старите лица)
Кај правото на социјална сигурност за старите лица, 11 корисници го оствариле правото без исполнување на условот за возраст, при што неосновано се исплатени 3.211 илјади денари. Дополнително, кај 12 корисници не биле евидентирани податоци за користење надоместок за невработеност, што довело до неосновани исплати од 740 илјади денари.
DW




