Кардиолошки операции под лупа – за здравје или за профит?

Посебна комисија на Министерството за здравство ќе ги „чешла“ кардиолошките интервенции во приватните и државните клиники, откако кардиологот Сашко Кедев обвини дека вакви операции се вршат исклучиво за профит. Фондот за здравство лани исплатил 16 милиони евра за операции во две приватни болници.

Министерството за здравство ќе формира тричлена Комисија за стручен надзор, составена исклучиво од странски кардиохирурзи со цел да ја анализира оправданоста на медицинските интервенции во приватните и државните клиники.

На овој начин Министерството ќе одговори на тврдењата на познатиот кардиологот Сашко Кедев кој обвини дека на приватните клиники во Северна Македонија, без конкретно да посочи која, се правеле непотребни операции на пациенти, со цел да се наплатат пари од државата преку Фондот за здравствено осигурување.

Иако министерот Азир Алиу најави брза реакција , сепак, експертите се уште ниту се најдени, ниту се ангажирани.

Алиу се уште чека и абер дали воопшто може да ги ангажира и Министерството да ги плати поради распишаните локални избори.

„Ги имаме мапирано од каде сакаме да ги имаме тие членови. Сега за сега имаме од Словенија. Не сакам да бидат од иста земја, ниту од околните земји, бидејќи нашите доктори соработуваат со нив. Ќе бараме од другите европски земји. Контроли ќе прават прво во приватните здравствени институции, а ќе продолжиме во јавните. Ако не може Министерството да ги плати експертите, ќе одиме на варијанта преку надворешни институции со кои соработуваме.“, најави Алиу на прес-конференција.

 

 

slobodnaevropa.mk