Косово се споменува во плановите на Белгија за изградба или изнајмување затвори

Белгија ја разгледува можноста за изградба или изнајмување затвор надвор од нејзината територија, а белгиските медиуми го споменаа Косово како една од можните опции.

На 6 октомври, белгиската министерка за правда, Анелис Верлинден, и министерката за азил и миграција, Анелин Ван Босујт, го посетија Косово, каде што се сретнаа со претседателката Вјоса Османи и в.д. министерот за правда Блерим Салаху. Тие ја посетија и Албанија.

Во официјалните соопштенија за медиумите од тие институции не беше наведено дека за време на состаноците се разговарало за изградба или изнајмување затвор.

Сепак, според изворите на Радио Слободна Европа, белгиските претставници накратко ја споменале темата – „без да отворат детална дискусија од страна на косовската страна“.

По посетата на две земји од Западен Балкан, белгиската министерка за правда, Верлинден, на Фејсбук напиша дека Белгија ја разгледува „можноста за изградба на затвор надвор од земјата за нелегални криминалци“, но не именуваше ниту една конкретна земја.

Во истото соопштение, таа наведе дека во белгиските затвори има 307 Албанци, од кои 253 немаат дозвола за престој.

„Доколку некој е осуден овде и нема право на престој, може да ја издржува казната во земјата на потекло. Ова значи правилно извршување на казната и посебен придонес за ефикасноста на нашите затвори“, напиша Верлинден.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk