Македонија е избрана за членка на ЕСОСОК на ОН за периодот 2027–2029 година

Северна Македонија е избрана за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ЕСОСОК) за мандатниот период 2027–2029, со поддршка од 174 земји членки.

Изборот, класифициран како значаен дипломатски пресврт, претставува прво членство на Македонијаво едно од главните тела на ОН од стекнувањето независност. Гласањето се одржа во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, каде кандидатурата на Македонија доби широка меѓународна доверба.

Муцунски: Довербата од 174 држави е потврда за кредибилитетот
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, преку објава на социјалните мрежи истакна дека изборот во ЕСОСОК е резултат на долгорочна и посветена дипломатска работа.

„Ова е успех на македонската дипломатија, успех на доверба, континуирана работа и ангажман кој често се одвива надвор од очите на јавноста, но носи конкретни резултати“, порача Муцунски.

Според него, членството во ЕСОСОК е силен сигнал дека Македонија има кредибилитет и активна улога во мултилатералните процеси во рамките на ОН.
Членството во ЕСОСОК – нова улога на Македонија во ОН
Од Министерството нагласуваат дека ова членство ќе овозможи:

поактивно учество во глобалните економски и социјални политики
вклучување во дебати за одржлив развој
поголем ангажман во хуманитарни прашања
зајакнување на човековите права
зголемена меѓународна видливост на Македонија
Ова доаѓа по претходните позиции на државата во Советот за човекови права на ОН и во Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека членството во ЕСОСОК е доказ за јасната насока на државата. „Нашата цел е Македонија да не стои на маргините, туку активно да учествува, да гради партнерства и да придонесува во решавањето глобални прашања“, вели Мицкоски.

 

 

DW