Премиерот Христијан Мицкоски им упати порака на маркетите, дистрибутерите и производителите да ги намалат цените на основните прехранбени производи.
„Завршува кризата, граѓаните беа толерантни, сега е ред тие да им се оддолжат. Очекувам веднаш да пристапат кон намалување на цените, особено на основните производи. Владата има механизми и, доколку тоа не се случи, ќе реагираме на поинаков начин и на подолг рок“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека нема да прифати оправдувања и најави засилени контроли и инспекции доколку во следните денови не следува реакција од трговците.
Споредби на цени и јавна транспарентност
Владата ќе спроведе споредби на цени меѓу Македонија и регионот за основните прехранбени производи.
„Доколку треба, од утре јавно ќе ги објавуваме маркетите со име и презиме“, рече Мицкоски, најавувајќи поголема транспарентност во цените.
Според последните статистички податоци, четиричлено семејство во јуни имало потреба од над 68.600 денари за да ги покрие основните трошоци. Повеќе од третина од буџетот се троши за храна и пијалоци, над 100 евра месечно одат за облека, сметки и транспорт, а за изнајмен стан се потребни дополнителни околу 350 евра.
Мерки против нефер трговски практики
Мицкоски пред неколку дена најави дека ќе се бара почитување на Законот за нефер трговски практики и ги повика компаниите да пријавуваат злоупотреби. „Постојат канали преку кои се наплаќа т.н. ‘ројалити’ преку трети фирми, што не е фер однесување“, рече тој.
Се подготвуваат нови законски измени кои предвидуваат до 10 пати повисоки казни, засилени инспекции и контроли и подобра регулација на односите меѓу маркетите и добавувачите. Лани, Комисијата за заштита на конкуренцијата казни четири големи синџири маркети со по 50.000 евра за картелско здружување. Со новиот закон, максималната глоба ќе многу поголема.
Премиерот деновиве рече дека инфлацијата е меѓу најниските во регионот – околу 4,5–4,7%. Според него, главни двигатели се транспортните услуги (над 10%) и алкохол, цигари и тутунски производи. Тој стави до знаење дека за овие производи нема да има олеснувања:
„Во делот на алкохол и тутун, потребни се дури и поригорозни мерки, со цел заштита на здравјето на граѓаните“, изјави Мицкоски на 9 јуни.
Критики за задоцнети мерки
Во изминатиот период Владата спроведуваше сет антикризни мерки за намалување на цените на горивата, кои вклучуваа намалување на акцизите и трговски попусти за ублажување на ценовниот шок.
Дел од експертите посочуваа дека намалувањето на ДДВ и акцизите не е доволно за да се спречи растот на цените и дека е потребно замрзнување на цените, но Владата ги избегнуваше краткорочните и „популистички“ мерки, како ограничување на маржите на прехрамбените производи, коишто ги имаше до почетокот на 2025 година.
„Подобро е да се плати политичка цена на краток рок, отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет на долг рок“, порача Мицкоски на 12 август 2025 година, посочувајќи дека праксата покажала дека ограничувањето на маржата не е трајно решение за инфлацијата, односно дека само се прелева во другите месеци и потоа цените се нивелираат.
„Тоа е замка во која не треба да западнеме“, е ставот којшто го соопшти лани Мицкоски.
Од друга страна, расте притисокот во јавноста за поевтинување на цените во маркетите. Владата најавува комбинација од контроли и инспекции, споредби на цени, законски мерки и зголемена транспарентност. Во фокусот остануваат трошоците за храна и потрошувачката кошница, како и одговорноста за справување со инфлацијата.
DW




