По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од ОЈО ГОКК денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице обвинето дека сторило кривично дело Давање поткуп и кривично дело – Давање награда за противзаконито влијание, три лица кои сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание и на едно лице му се става на товар кривичното дело Примање поткуп.
– Првообвинетиот како управител на кривично одговорното правно лице аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и рурален развој на РСМ и поднел барање за користење на финансиски средства преку ИПАРД програмата. Бидејќи правното лице не ги исполнувало пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка, соопштија од ЈО.
Со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот, во име и за сметка на правното лице, во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата бил ветен подарок во износ од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена.
Во текот на истражната постапка обвинителството утврди и кривична одговорност кај уште четири државни службеници вработени во Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и рурален развој на РСМ против кои јавниот обвинител поднесе Обвинителен предлог за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека на кривично одговорното правно лице на товар му се става кривичното дело Давање поткуп.
skopjeinfo.mk




