Американската компанија Палантир развива софтвери за шпионирање на граѓаните

Софтверот се чини дека е семоќен – огромни количини на податоци се поврзуваат со неверојатна брзина. Потребни се само неколку секунди за полициската љубопитност во целост да биде задоволена: име, возраст, адреса, парични казни, претходни кривични пријави. Во комбинација со податоците од мобилниот телефон и пораки и однесување на социјалните мрежи, додека трепнеш е можно е да се креира профил на било кое лице. Со помош на вештачка интелигенција (ВИ), може да се освојат сосема нови димензии на електронска шпионажа. Програмата за надзор на американската компанија Палантир е сон за полицијата и за тајните служби. Во три од 16 сојузни покраини на Германија – Баварија, Хесен и Северна Рајна-Вестфалија – тој веќе е реалност и претставува голем проблем од перспектива на заштитниците на приватноста и организациите за човекови права, бидејќи покрај осомничени лица, може и невини граѓани да се најдат под надзор.

Уставни претставки против Баварија и Хесен

Непрофитната организација за граѓански слободи (ГФФ) сака да спречи такви случаи, но и начелно е против употребата на софтвери како оние на Палантир. Затоа поднесе уставна жалба против масовната обработка на податоци во Баварија. „Дури и некој што поднесува пријава станува жртва на кривично дело, или ако едноставно се најде на погрешно место во погрешно време, може поради софтверот да стане мета“, вели адвокатката на ГФФ, Франциска Герлиц. Од перспектива на берлинската организација, неограничена обработка на податоци го крши основното право на информациско самоопределување и на доверливоста на комуникациите – што е гарантирано во Уставот на Германија.

Лицата што во текот на некоја истрага ќе се најдат на полицискиот радар немаат никакви сознанија за ова. Според актуелниот закон, полицијата во Баварија смее да го користи софтверот на Палантир дури и ако не постои конкретна опасност. Но, со тоа се занемаруваат стандардите кои во Хесен важат од 2023 година по успешната уставна претставка на ГФФ. Сојузниот уставен суд сè уште нема донесено одлука за слична тужба поднесена против Северна Рајна-Вестфалија, чии што власти исто така го користат софтверот на Палантир.

Компјутерскиот клуб „Хаос“ го смета софтверот за нетранспарентен

На уставната тужба против Баварија се приклучи и компјутерскиот клуб „Хаос“, невладина организација која истовремено е и најголемото здружение на хакери во Европа посветено на проблемите поврзани со ИТ безбедноста. Портпаролката на клубот, Констанце Курц зборува за „Палантиров образец за истрага“ во кој полицијата има систем за складирање податоци за различни намени. „Обединетите податоци завршуваат во нетранспарентниот софтвер на Палантир, од кој полицијата долгорочно станува зависна“, вели Курц.

 

 

 

DW