Овој пат системот реагираше – ургентно, координирано и ефикасно – за спас на злоставувано куче❗️
Херојот кој го документираше чинот и веднаш го пријави, покажа што значи лична одговорност. Како и пријавувачот во случајот „Феликс“, тој е доказ дека граѓанската будност може да биде разликата меѓу живот и смрт.
Храбрите пожарникари од Крива Паланка го извлекоа кучето од бездната. Инспекторите на АХВ, предводени од Тања Ололовска Ристевска, постапија професионално и решително, без исклучок гледајќи само интерес на маченото животно. Инспекторот Зоран Ивановски кој после работно време веднаш излезе на терен, го одзема кучето и веднаш најде приватно сместување. Ветеринарот Горан Груевски и вет станица „Крива Паланка“ обезбедија итна помош. Полицијата брзо го идентификуваше сторителот.
Граѓаните, активистите – згрозени и гневни – реагираа јавно и вршеа притисок овој ужас да остане во фокус каков што заслужува. ЈП „ЛАЈКА“ го згрижува животното, а „Daisy Family Rescue“ ќе му обезбеди дом.
Ова покажува дека кога институциите и граѓаните делуваат навремено, посветено и заедно – помошта и правдата стануваат реалност, а не само пуста надеж.
Да се нема дилема: човек способен да врзе и влече сопствено куче на 40°C, по врел асфалт, и потоа да го фрли во бездна – е опасност за животните, луѓето и целото општество! Таков мора да биде изолиран и казнет – и тоа не е одмазда, туку за да се спречи повторување на злосторството.
Со адвокатката Бранкица Миланова ќе поднесеме кривична пријава. Како и за „Феликс“, таа ќе застапува про боно – за правдата на животните.
Можеме само да замислиме каков бил животот на ова питомо куче кај сопственикот монструм. Бил мачен и претходно (дознаваме сега), но немало кој тоа да го пријави. Ние ќе направиме се за да му ја вратиме довербата во човек. Во Лајка го крстија Валор, што значи храброст. Сега само дом и љубов посакуваме за ова прекрасно храбро куче.❤




