Контроверзното барање за помилување пред судењето
Веста одеднаш се појави на насловните страници во Израел во неделата: Премиерот Бенјамин Нетанјаху побарал од претседателот Исак Херцог однапред да му даде помилување и со тоа да го заврши неговото судење за корупција.
Тоа би бил многу контроверзен потег, речиси без преседан, бидејќи претседателските помилувања обично се даваат само по изречена пресуда.
„Једијот Ахронот“, еден од водечките израелски дневни весници, во понеделник (1.12) излезе со наслов „Дилемата за помилувањето“, додека бесплатниот десничарски весник „Израел Хајом“ призна дека „барањето е невообичаено и носи значајни последици“.
Во телевизиска видео изјава, Нетанјаху рече дека иако е во негов личен интерес да ја докаже својата невиност на суд, исто така е во национален интерес да се скрати судењето бидејќи, како што тврди, „тоа нè разделува“.
„Безбедносната и политичката реалност, националниот интерес, бараат поинаку“, рече Нетанјаху во видео изјава. „Тековното судење нè разделува, поттикнува жестоки несогласувања и продлабочува поделби“.
Нетанјаху тврдеше дека „свртувањето на страницата и итно завршување на судењето би помогнало во намалувањето на тензиите и промовирање на помирувањето, што очајно ѝ е потребно на нашата земја“.
Барањето за помилување поддржано од Трамп
Израелските коментатори забележаа дека барањето дошло кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп му пишал на претседателот Херцог на 12 ноември, барајќи целосно помилување за Нетанјаху.
Трамп, долгогодишен поддржувач на Нетанјаху, повика на помилување во октомври за време на неговиот говор во Кнесетот, израелскиот парламент.
Нетанјаху е единствениот актуелен израелски премиер кој е суден и се соочува со обвиненија за поткуп, измама и кршење на довербата во три одделни случаи. Тој е обвинет за примање раскошни подароци во замена за политички услуги, како и за барање поповолно известување и бенефиции од медиумски компании, телекомуникациска компанија и израелскиот издавач Једиот Ахронот.
Нетанјаху ги негираше сите обвиненија, постојано нарекувајќи го петгодишното судење „лов на вештерки“ од страна на медиумите, полицијата и судството против него и неговото семејство.
Реакциите на израелската јавност
Неговите критичари долго време го обвинуваат дека ги продолжува другите конфликти во Газа со цел да ја одржи својата владејачка коалиција на власт и да ги избегне правните проблеми.
Судењето против него се одолговлекува поради одложувања поврзани со пандемијата на Ковид-19, политички застој поради изборите, при што Нетанјаху се врати на власт во декември 2022 година, и бројни предлози од неговите адвокати за одложување на сослушувањето од дипломатски и безбедносни причини поврзани со конфликтите во Газа, Либан и Иран.
Премиерот го очекуваат уште едни избори наесен 2026 година, но политичките аналитичари шпекулираат дека би можеле да бидат порано, во зависност од развојот на ситуацијата.
DW




