Бомбардирани училишта и болници, уништени ракетни бази и рафинерии

Израел и САДго нападнаа Иран на 28 февруари 2026 година, а цел е првенствено воената инфраструктура. Пред сѐ фабриките за ракети, складишта за гориво и бројни постројки за лансирање ракети се особено оштетени до сега, се наведува во медиумските извештаи. Но, жртви на војната се и цивилни објекти и историски места како палатата Голестан. Стотици луѓе, меѓу кои и многу деца, се убиени во нападите. Десетици илјади се повредени.

Кои воени објекти беа мета?
Според информациите на американскиот медиум „Вашингтон пост“ објавени во неделното издание, четири централни производствени погони и најмалку 29 места за лансирање ракети биле погодени во првите четири недели од војната. Штети има пред сѐ во објектите за производство на цврсти и течни погонски горива – базата за иранските ракети од краток и среден дострел. Институтот за проучување на војни документирал напади врз повеќе од 20 ракетни бази. Според наводи во весникот „Вашингтон пост“, сателитски снимки покажуваат десетици уништени објекти во воените комплекси Хоџир, Парчин, Хакимије и Шахруд. Затрупани или оштетени се и многу пристапи до тунели кои биле користени за подземно складирање на ракети. Американската војска неодамна направи биланс според кој повеќе од две третини од иранските капацитети за производство на ракети и беспилотни летала биле погодени, пренесува новинската агенција АФП на 26 март. Поголемиот дел од бродоградилишта исто така се оштетени во американско-израелските напади врз Иран. За време на речиси четиринеделната војна со Иран, американските сили погодиле повеќе од 10 илјади воени цели, наведува во видео порака објавена во средата на платформата X адмиралот Бред Купер, командант на Центком, американската командна единица задолжена за Блискиот Исток.

Кои објекти од енергетскиот сектор се погодени?
Според медиумските извештаи, во бомбардирањата се погодени и клучни енергетски објекти во Иран, а особено засегнато е гасното поле Јужен Парс, најголемото до сега откриено наоѓалиште за гас,кое се наоѓа во Персискиот Залив, а го експлоатираат Иран и Катар.

 

 

DW