Бугарскиот премиер Румен Радев вети дека ќе стави вето на најновите санкции на ЕУ против Русија

Кога Европската Унија реши во новиот пакет санкции против Русија да ги вклучи рускиот православен патријарх Кирил и поранешниот претседател на „Лукоил“, Вагит Алекперов, само една земја-членка се спротивстави – Бугарија.

На својот прв состанок на Европскиот совет на 18 јуни како бугарски премиер, Румен Радев најави дека Софија ќе стави вето на пакетот санкции, кој опфаќа 34 лица и 47 компании, доколку овие две имиња не бидат отстранети од листата.

Иако Радев ја поддржа одлуката за отворање преговори на ЕУ со Украина и се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленскиво Брисел, истовремено јавно ја бранеше улогата на Руската православна црква во бугарската историја и го опиша Алекперов како инвеститор кој вложил значајни ресурси во единствената нафтена рафинерија во земјата.

Заканата за вето доаѓа кратко по одлуката на Бугарија да ја прекине државната испорака на оружје за Киев, што отвори дилеми дали надворешната политика на Софија сè повеќе се води од внатрешни интереси наместо од заедничката позиција на ЕУ.

Економски интереси и спорот со „Лукоил“
„Нема да дозволиме санкции што ѝ штетат на Бугарија и нејзината економија“, изјави Радев во Брисел.

Тоj предупреди дека мерките може да влијаат врз снабдувањето со ѓубрива и резервни делови за метрото во Софија, но клучната грижа ја истакна за работењето на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас.

По американските санкции кон компанијата во 2025 година, Бугарија ја презеде контролата врз своите домашни операции со назначување на специјален државен администратор. Швајцарската подружница „Литаско“, формален сопственик на имотот, го оспори потегот како незаконска експропријација и предупреди на можни правни постапки.

Според бугарскиот министер за економија, спорот може да ја изложи државата на обврски до три милијарди евра. Радев тврдеше дека санкционирањето на Алекперов би било „како да си пукаат во нога“, иако не објасни конкретно како тоа би влијаело врз работењето на „Лукоил“ во Бугарија.

 

 

DW