Германија: Забрана за социјални медиуми под 13 години?

Лени пред две години забележала дека почнала прекумерно да го користи телефонот. Таа сè помалку излегувала од собата за да разговара со своите родители, на викенди некогаш воопшто не излегувала надвор, а повремено поминувала и до десет часа дневно на ТикТок и Јутjуб. Сега веќе 18-годишната девојка за ДВ вели дека сфатила „оти го запоставувам училиштето и дека порано учев многу повеќе. Потоа почнав да го следам времето минато пред екранот, почесто го оставав паметниот телефон на страна и престанав да ги откажувам средбите со пријателите како што правев за да бидам на телефон. Сега, во просек сум пет часа дневно на социјалните медиуми.“

Искуството на Лени веројатно ја одразува ситуацијата на голем број млади луѓе во Германија. Според студијата на ОЕЦД, 15-годишниците во земјата поминуваат 48 часа неделно пред екранот, односно седум часа дневно. Во меѓународна споредба со 36 земји, Германија е на петто место, веднаш зад Полска и Естонија. Студија на еден од фондовите за здравствено осигурување ДАК, 1,5 милиони млади луѓе во Германија социјалните медиуми ги користат во проблематична мера, односно речиси 25 проценти, а 350 илјади од нив се сметаат за зависни од медиумите.

Поради тоа во многу наврати имаше барања за забрана на социјалните медиуми за млади луѓе – по примерот на Австралија, која стана првата земја во светот што забрани на деца и адолесценти под 16 години да користат социјални медиуми.

Лени генерално се согласува со таквиот пристап. „Тоа малку би ги заштитило децата и младите. Јас забележувам дека на ТикТок и Јутјуб се коментираат нешта кои воопшто не се регулирани“, вели таа.

Експертска комисија: построга регулација на платформите
Затоа со големо внимание се исчекуваше какви конкретни мерки ќе предложи независната експертска комисија за „Заштита на децата и младите во дигиталниот свет“.

Надин Шен, копретседател на експертската комисија, за ДВ вели дека „дигиталните медиуми го радикализираат нашиот демократски дискурс и влијаат на развојот на децата и младите. Гледаме дека времето поминато пред екран се зголемува и дека децата и младите често дури и стануваат зависни. Сакаме на платформите да им наметнеме поголема одговорност, за да овозможуваат учество, но истовремено и поголема заштита отколку што има во моментов – на пример, во однос на проверката на возраста.“

Најважните од 56-те препораки вклучуваат поголема одговорност на платформите и давателите на услуги преку побезбедни стандардни поставки за малолетници, содржина соодветна на возраста и јасни, лесни за користење можности за пријавување на проблематичен материјал. Родителската одговорност во врска со дигиталното воспитување дури треба да биде регулирана со закон. Експертската комисија бара национална забрана за употреба на мобилни телефони во училиштата до седмо одделение (приближно на возраст од 12 до 13 години).

Министерката за образование на ЦДУ, Карин Прин, се залага за ограничување на возраста, по можност на европско ниво. „Во однос на самостојното користење на социјалните медиуми, предлогот за законско ограничување на возраста од минимум 13 години сметам дека е вистинскиот пат“, вели Прин и повикува на ефикасна проверка на возраста и постепени заштитни мерки за млади луѓе до 18 години.

 

 

DW