Грбавиот кит кој повеќепати се насука во Балтичкото Море, кого медиумите го нарекоа „Тими“, сега плива во Северното Море. Како што за агенцијата АФП потврди Карин Валтер-Момерт од спасувачката иницијатива, китот изутринава (2.05) околу 8:45 часот го напуштил шлеперот со кој беше влечен до Северното Море. Животното, како што се вели, сега плива самостојно и слободно и, барем засега, и во правилната насока.
Четири до шест години стариот кит првпат бил забележан во Балтичкото Море на почетокот на март. Во приближно 60-те дена до транспортот, тој околу две третини од времето го мина во плитки водни зони. Во вторникот, кај островот Поел, беше извлечен во шлепер, кој потоа беше поврзан со влечен брод и тргна во правец на Северното Море.
Дали китот може нормално да нурка и да се храни?
Китот и по пуштањето на слобода не се смета за спасен. По долгиот период на лежење, под знак прашање е дали тој сè уште може нормално да плива и да нурка, објаснува истражувачот на китови и морски биолог Фабијан Ритер за агенцијата ДПА. Исто така, се поставува и прашањето за внесувањето храна, поради деловите од мрежи пронајдени во неговата уста. Сите знаци укажуваат дека китот е сè друго, само не во добра форма.
Организацијата за заштита на животните Whale and Dolphin Conservation (WDC) нагласи: „За спасување може да се зборува дури кога китот повторно ќе се најде во Северниот Атлантик и таму ќе преживее на долг рок, кога неговата кожа целосно ќе се опорави, кога повторно самостојно ќе трага по храна и ќе добива на телесна тежина и кога ќе се однесува согласно својата природа.“
DW




