Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нареди повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија. Се очекува повлекувањето да биде завршено во наредните шест до дванаесет месеци, соопшти портпарол на Пентагон.
Оваа одлука е резултат на темелна проверка на присуството на американските трупи во Европа, изјави портпаролот. Таа ги зема предвид барањата на оперативните подрачја, како и условите на теренот.
Доналд Трамп неодамна веќе најави дека разгледува ваков чекор. Претходно тој упати остра критика кон сојузниот канцелар Фридрих Мерц, поради тоа што Мерц критички се изјасни за американската офанзива против Иран.
Досега во Германија – околу 39.000 американски војници
Во Европа со децении постојат десетици големи американски воени бази. За глобалните мисии на Американците – на пример на Блискиот Исток – тие имаат огромно значење: таму се стационирани трупи, оружје, бродови и авиони, се управува со дронови, а исто така се згрижуваат и ранети. Во Германија меѓу нив спаѓаат американската Европска команда (EUCOM) во Штутгарт и, како клучен логистички центар на американското воено воздухопловство, воздухопловната база Рамштајн во покраината Рајнланд-Пфалц.
Според податоците на американската војска од средината на април, во Европа моментално се стационирани околу 86.000 војници – од нив околу 39.000 во Германија. Овој број редовно се менува, меѓу другото и поради ротации и воени вежби.
DW




