Албанскиот премиер Еди Рама, по добивањето на четвртиот мандат на изборите во мај, вети дека Албанија ќе стане членка на Европската Унија до 2030 година. Но, на средба со стартапи и ИТ-секторот во јули, тој најави уште една амбициозна цел: комплетна дигитализација на економијата.
„Имаме амбиција до крајот на деценијата Албанија да стане безготовинско општество, каде сите финансиски трансакции ќе бидат дигитални“, изјави Рама на настанот „Албанија 2030 – визија кон европска интеграција“.
Тој уверува дека потребната технологија веќе постои и дека е потребно само „подобрување на дигиталните вештини“.
„Ако ја дефинираме јасно патеката пред нас, оваа цел е целосно остварлива. Тоа ќе нѐ ослободи од тежината на застарените практики и неефикасноста во секојдневниот живот“, изјави Рама.
Но колку е ова реално?
„Јас преферирам кеш“
Мимоза А., 62-годишна жителка на Тирана, вели дека единствено користи кредитна картичка кога ја вади платата од банкомат. За сѐ друго, продавница, фризер, пазар, секогаш плаќа со готовина.
„Луѓето од мојата генерација не користат картички секојдневно. Јас преферирам кеш и така ќе остане“, вели таа за ДВ.
Таа не е сама во тоа — поголемиот дел од албанското население и натаму се потпира на кеш-плаќања.
Безготовинска економија – само политичка реторика?
По распадот на комунистичкиот режим пред 35 години, Албанија влезе во транзиција без современ банкарски систем. Работите се одвиваа бавно и по транзицијата кон демократија, при што банкоматите беа воведени дури во 2004 година.
Поранешниот министер за финансии Арбен Малај, кој беше на функција од 1997 до 2005, смета дека планот на Рама е повеќе популистички отколку реален.
DW




