Денеска гласаат стари и изнемоштени лица и затвореници

Денеска, еден ден пред утрешното гласање за локалните избори, гласаат 2.162 затвореници и лицата во домашен притвор, 8.851 болни и немоќни лица и 442 лица во старските домови.

Во КПД Идризово ќе гласаат 938 затвореници, во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, во прилепскиот 119… Во своите домови ќе гласаат и лица кои се пријавиле за гласање, а се во куќен притвор.

Членови на избирачките одбори денеска во нивните домови треба да посетат 8.851 болни и немоќни лица кои побарале и им било прифатено да гласаат. До ОИК пристигнале 9.217 пријави за гласање на болни и немоќни лица, а прифатени беа 8.851.

Во старските домови ќе гласаат 442 возрасни лица, наместо 450 лица. Бројката се намали за осум лица откако Министерството за социјална политика, демографија и млади, како што соопшти ДИК на седница пред неколку дена, извести дека старскиот дом Арија е затворен.

Во Македонија утре ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.

Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.

 

 

 

 

skopjeinfo.mk