Суд во Киев ѝ наложи на поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко да плати кауција од 760.000 долари за да избегне притвор за обвиненијата за нудење поткуп на пратеници.
Одлуката од 16 јануари следеше откако два дена претходно украинските антикорупциски власти објавија дека Тимошенко е осомничена за организирање „системски механизам за обезбедување несоодветни бенефиции за пратениците во замена за нивно лојално однесување за време на гласање“.
Доколку биде прогласена за виновна, таа ќе се соочи со затворска казна од пет до десет години.
Тимошенко, харизматична лидерка на опозициската партија Баткившчина (Татковина) и трикратен претседателски кандидат, негираше какво било кривично дело и вети дека ќе докаже оти доказите против неа се фалсификувани.
Во објава на социјалните мрежи на 15 јануари, таа посочи дека нејзините банкарски сметки се блокирани поради што не може да плати кауција. Но, нејзините адвокати подготвуваат жалба против налогот за кауција, а таа не мора да плати додека се разгледува жалбата. Тимошенко не беше испратена во притвор ниту пак ѝ беше наредено да носи електронска нараквица.
slobodnaevropa.mk




