Преговорите за новите европски правила во врска со правата на патниците во воздушниот транспорт повеќекратно беа блокирани. По повеќе од 13 години, реформата на почетокот на неделава ја помина последната пречка – министрите на земјите членки на ЕУ, исто така, дадоа зелено светло за измените. Особено долго имаше несогласувања околу износот на надоместокот и прагот за неговото исплаќање.
Земјите членки на ЕУ првично сакаа патниците да имаат право на отштета само по четиричасовно доцнење на летот и износите да бидат пониски од претходно. На крајот, условите останаа во основа исти: патниците имаат право на обесштетување ако нивниот лет доцни најмалку три часа.
Колкава е отштетата?
Во зависност од растојанието на летот, надоместокот изнесува:
• 250 евра за летови до 1.500 километри
• 400 евра за летови до 3.500 километри и летови во рамки на ЕУ
• 600 евра за летови подолги од 3.500 километри кои не се одвиваат исклучиво во рамките на ЕУ
Овие прагови важат и кога летот е целосно откажан, под услов откажувањето да му се соопшти на патникот помалку од 14 дена пред планираниот лет.
Кои се дополнителните услови?
Предуслов за остварување на правото на надомест е авиокомпанијата да е одговорна за доцнењето или за откажувањето на летот. Новост е дека сега ќе бидат наведени таканаречените вонредни околности за кои превозникот не е одговорен, на пример:
• патници кои се однесуваат насилно или несоодветно
• временски непогоди
• природни катастрофи
• штрајкови од страна на аеродромите или на копнениот персонал
Сепак, авиокомпанијата мора да докаже дека овие околности директно предизвикале прекин на сообраќајот.
Во рок од 96 часа по завршувањето на патувањето, авиокомпаниите ќе мора да ги информираат патниците за нивните права и како да ги остварат. Патниците потоа имаат девет месеци да поднесат барање. Потоа, авиокомпанијата мора да ја плати отштета во рок од 30 календарски дена или да му образложи на патникот зошто нема право на отштета во конкретниот случај.
Целта на ЕУ е да се поедностави процесот на аплицирање и да им се овозможи на поголем број патници да ги остварат своите права. Во иднина, треба да постои и доброволен ЕУ-сертификат за правата на патниците со кој авиокомпаниите би можеле да потврдат дека работат во согласност со европските прописи.
Што е ново?
Децата под 14 години треба да можат да седат до своите родители во авионот без дополнителни такси за резервација на седиште. Истото ќе важи и за бремени жени, лица со намалена подвижност и нивните придружници.
Авиокомпаниите, исто така, ќе мора бесплатно да ги исправат правописните грешки во имињата на билетите и да ја отпечатат бординг картата без дополнителни трошоци за патниците кои веќе се пријавиле (чекирале) за летот.
Во иднина, давателите на услуги за воздушен превоз ќе мора стандардно да ја прикажат цената на билетот заедно со рачниот багаж. Ова би требало да го олесни споредувањето на цените. Во исто време, авиокомпаниите и натаму ќе можат да понудат поевтини билети на патниците кои доброволно ќе се откажат од носење поголем ранец во кабината.
Патниците кои се принудени да патуваат во пониска класа од онаа што ја резервирале автоматски ќе добијат поврат на дел од платениот износ во рок од 14 дена. Износот на повратот ќе зависи од цената на билетот и растојанието на летот.
Правилата, исто така, појасно ќе дефинираат на што имаат право патниците во случај на прекин на нивното планирано патување. По два часа чекање, тие имаат право на освежување, по три часа на оброк, а потоа на секои пет часа на дополнителен оброк, со максимално три оброци дневно. Покрај тоа, ќе имаат право на пристап до интернет и најмалку два телефонски повици.
Патниците кои ќе купат билет за појдовен и повратен лет, но не го користат појдовниот лет или негов дел, ќе им биде дозволено да го користат повратниот лет. За ова не може да им се наплати дополнителна такса. Ова е важно бидејќи во пракса понекогаш е поевтино да се купат поврзувачки летови, па патниците свесно не користат еден дел од патувањето или пак ненамерно го пропуштаат летот.
DW




