Уште еден тон марихуана е запленет од фирма за одгледување медицински канабис во валандовското село Јосифово.
Станува збор за фирмата „Грин лајф“, една од шесте на кои Владата денеска, 24 февруари, им ја одзеде лиценцата за работа.
„По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица, ОВР Валандово, денеска извршија претрес во простории на правен субјект за производство на марихуана во село Јосифово“, потврдија од МВР за државната агенција МИА.
Заплената е продолжение на акцијата на полицијата започната изминатиот период во рамки на која досега беа одземени 40-тина тони марихуана од простории на фирми кои имаат лиценца за одгледување канабис за медицински цели.
Покрај „Грин лајф“, без лиценца останаа и „ЦБД медплант“, „Лајф плант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, како и „Алфа фарм“ чиј косопственик – српски државјанин, беше уапсен во Србија каде во селото Коњух на 29 јануари беа запленети пет тони марихуана.
По заплената во Србија, откако беа објавени сомнежите на тамошните органи дека марихуаната потекнува од Северна Македонија, македонските полиција и обвинителство започнаа акција.
Покрај заплената на 40-тина тони, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 20 февруари отвори и истрага за шест лица кои ги сомничи дека биле вклучени во шверцот на марихуаната во Србија.
Надлежните органи започнаа и преиспитување на лиценците за одгледување канабис за медицински цели, кои досега ги имаа 43 компании.
slobodnaevropa.mk




