Ново истражување откри дека пандемијата со Ковид-19 ги остарила мозоците на луѓето, без разлика дали биле заразени или не. Истражувањето се надоврзува на растечките податоци за долгорочното влијание на пандемијата врз глобалното здравје и развојот на мозокот.
Според студијата, пандемијата го забрзала стареењето на мозокот во просек за 5,5 месеци. Промените биле најзабележливи кај постарите лица, мажите и луѓето од социоекономски понеповолни средини.
Староста на мозокот се однесува на когнитивната функција и може да се разликува од реалната возраст на личноста. Таа може да биде забавена или забрзана од болести како дијабетес, ХИВ и Алцхајмерова болест. Предвременото стареење на мозокот може да влијае на помнењето, сетилните и емоционалните функции.
Авторите на студијата велат дека забележаното стареење на мозокот можеби е реверзибилно.
„Пандемијата беше голем товар за луѓето, особено за оние кои веќе се соочуваа со тешкотии. Сè уште не можеме да потврдиме дали промените ќе се вратат назад, но тоа е можно, и тоа е охрабрувачка мисла,“ рече Дороте Ауер, невролог од Универзитетот во Нотингем, Велика Британија.
Френк Слак, директор на Иницијативата за РНК медицина и Институтот за истражување на рак при Медицинскиот факултет на Харвард, САД, изјави дека „оваа студија е извонредна и покажува дека Ковид имал сериозни ефекти врз здравјето на мозокот, особено кај мажите и постарите лица.“ Слак не бил вклучен во студијата.
DW




