Латинскиот патријарх доби пристап до Црквата на Светиот Гроб

По жестоките критики, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди да му се дозволи пристап до Црквата на Светиот Гроб во Ерусалим на највисокиот претставник на Католичката црква во Светата земја. Тој ги задолжил надлежните органи да му обезбедат на латинскиот патријарх, кардинал Пјербатиста Пицабала „неограничен и непосреден пристап“ до Црквата на Светиот Гроб, напиша Нетанјаху во ноќта кон понеделник на платформата X.

Пицабала во неделата беше спречен од израелската полиција да влезе во Црквата на Светиот Гроб во Стариот град на Ерусалим во Израел. Италијанецот сакал да ја служи традиционалната литургија за Цветоносна недела (Цветници) во црквата, но бил запрен од израелски полицајци и замолен да се повлече, соопшти Латинската патријаршија на Ерусалим. Инцидентот го опиша како „сериозен преседан“.

Остри критики за постапката
Неколку високи политичари остро ја осудија постапката. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека спречениот пристап за Пицабала претставува „навреда не само за верниците, туку и за секоја заедница што ја признава верската слобода“.

Надворешнополитичкиот експерт на германските демохристијански партии ЦДУ и ЦСУ, Армин Лашет, го нарече инцидентот неприфатлив. „Да му се забрани на претставникот на Папата да ја посети најсветата христијанска локација во Страстната седмица е нарушување на вековната традиција на слободен пристап до Црквата на Светиот Гроб“, изјави претседателот на Комитетот за надворешни работи во Бундестагот за германската новинска агенција ДПА.

 

 

DW