Понекогаш лично папата Лав XIV, понекогаш вториот човек на Ватикан, кардиналот и државен секретар Пјетро Паролин, а повремено и кардинали од САД или Европа се јавуваат со критики за војната во Иран што ја започнаа САД и Израел, за последиците по цивилното население и фиксацијата на вооружено насилство.
Папата со потекло од САД е повторно против курсот на татковината – исто како и во случајот со мигрантите. Но, при сета критика, тој ниту еднаш не го спомена со име претседателот Трамп, ниту државите што го почнаа актуелниот вооружен конфликт кон крајот на февруари. Ватикан во медиумите мошне јасно го артикулира својот став за жртвите. Во првите часови од војната, според медиумски наводи, американски ракети погодиле женско училиште во Минаб, јужен Иран, при што загинале над 160 лица, главно ученички. Во меѓувреме се смета за сигурна одговорноста на САД за нападот.
Неколку дена подоцна, голема фотографија се најде на насловната страница на ватиканскиот весник „Осерваторе романо“ под наслов „Лицето на војната“. На фотографијата направена од птичја перспектива се гледаат багери што копаат ровови на гробови и ожалостените семејства до нив. Фокусот е на жртвите, не на сторителите.
DW




