Европскиот суд на правдата го зголемува прагот за утврдување кои се безбедни земји на потекло – односно земји чии граѓани немаат право на азил во Европската Унија. Земјите членки на ЕУ можат да состават листи на земји со безбедно потекло само ако ги објават изворите врз основа на кои ја направиле својата проценка. Покрај тоа, важи и правилото дека целото население во таа земја мора да биде безбедно, одлучија судиите во Луксембург.
Во оваа постапка, стануваше збор за спорниот италијански таканаречен „албански модел“ за брзи процедури за азил во странство. Одредувањето на безбедни земји на потекло е основен предуслов за спроведување на тој модел.
Кој доаѓа од таканаречената безбедна земја на потекло и аплицира за азил во ЕУ, може побрзо да биде одбиен. Земјите од ЕУ можат сами да одлучат кои земји ги сметаат за безбедни. Судот на ЕУ сега предвидува дека оваа проценка мора да биде проверлива.
Исто така, според пресудата, земјите членки – барем додека не стапи во сила новата регулатива за азил на ЕУ – не смеат да означат трета земја како „безбедна“ ако одредени групи луѓе, како што се хомосексуалците, не се безбедни во таа земја.
Заднина: италијанскиот „албански модел“
Во конкретниот случај кој доведе до пресудата, двајца Бангладешани поднесоа тужба бидејќи нивните барања за азил беа одбиени, поради тоа што Италија ја означи нивната земја на потекло како безбедна. Тие беа меѓу мигрантите кои Италија ги префрли во кампови во Албанија.
Основната идеја на „албанскиот модел“ е дека барањата за азил на возрасни машки мигранти, кои доаѓаат од таканаречените безбедни земји на потекло и се пресретнати во Средоземното Море, се обработуваат во забрзани постапки во странство. За таа цел, Италија склучи договор со Албанија за изградба на два центри на албанска територија.
Станува збор за престижен проект на десничарската италијанска владејачка коалиција под премиерката Џорџа Мелони, но во моментов е суспендиран поради отпор во италијанското судство. Според извештајот на организацијата за човекови права ЕкшнЕид и Универзитетот во Бари, центрите ефикасно рабптеле само пет дена во 2024 година – и тоа со многу високи трошоци.
DW




